за

Audi City Paris: Спектакуларен авто-салон во срцето на светската метропола

Audi не можеше да избере подобра локација со својот петти комплетно дигитализиран салон во светот. Но, не е само до локацијата во срцето на Париз, туку и до крајно необичниот начин на доживување на атмосферата на авто-салон.

Марката со четирите прстени го отвори следниот во низата дигитализирани салони во непосредна близина на прочуениот плоштад Вандом и улицата Сент-Оноре, во срцето на Париз. Суштината на овој синџир уникатни авто-салони на Audi, којшто сега брои пет локации во светот, вклучувајќи ја француската престолнина, е во тоа што салонот е целосно дигитализиран. Дури и специјалните изложби и можностите за индивидуализација на возилата се прикажуваат дитигално.

Посетителите на салонот и потенцијални купувачи можат да го конфигурираат својот посакуван автомобил на мегадисплеј со површина од 40 метри квадратни, поставен преку цел ѕид. Дисплеј што соодветно е наречен „powerwall“ дава фотореалистичен приказ до најситниот детал, дури и до штеповите на седиштата.

https://youtu.be/dgugTKhYeOk

Постојат четири засебни простории, таканаречени „Customer Private Lounges“, како приватна сфера за консултирање со продавачот и за склучување договор. Во парискиот салон за првпат се нуди и „Audi Intelligence Lounge“, наменета за релаксација во ексклузивна атмосфера. Целиот сајберстор опфаќа површина од 350 метри квадратни.

Марката да се донесе до купувачите, место купувачите да се носат до марката

Првиот Audi City беше отворен во 2012 година во Лондон, за потоа да следат Пекинг, Берлин, а од пред неколку седмици и Истанбул. Покрај тоа што „градот на Audi“ нуди ново доживување на посетата на авто-салон, концептот овозможува марката да се позиционира на најатрактивните локации, кадешто има најголема раздвиженост на луѓето. Принципот е марката да се донесе до купувачите, место купувачите да се привлечат во салон што обично е далеку од центарот на градските збиднувања.

[FAG id=24786]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Произведен првиот примерок од C-Class Cabriolet во Бремен

Реклама со последици: Chevrolet го каменува Ford F-150