Започува одбројувањето до пристигањето на новиот теренец на Audi во продажните салони. Денес Audi стартуваше со нарачки за новиот Q7, со цена од 60.900 евра во Германија за моделот со трилитарски дизел мотор.
Нарачките за новата генерација на големиот теренец на Audi почнуваат денес, а првите примероци ќе се испорачуваат на најголемите пазари во Европа во текот на месец јуни. Втората генерација на Audi Q7 се одликува со мноштво на технички новитети, како и со моќни и штедливи мотори, со коишто теренецот се вбројува меѓу најекономичните во својата класа. Ценовникот за германскиот пазар стартува од 60.900 евра за моделската верзија со трилитарски дизел со 272 КС, додека изведбата со трилиатрски бензинец е достапна за 62.900 евра.
Audi Q7 е знаменосецот во моделската понуда на теренци на марката од Инголштат. Од воведувањето на првата генерација на Q7 во 2006 година, којшто воедно го означи и влегувањето на Audi во сегментот на спортски теренци, досега се продадоа преку два милиона примерока под знакот Q, вклучувајќи повеќе од половина милион примероци од најголемиоит теренски модел, Q7.
Покрај новиот дизајнерски правец што е препознатлив за моделите Q, како што е тридимензионалната едноделна маска, Q7 е значително поштедлив, полесен, но и попросторен во споредба со претходникот. Благодарение на примената на алуминиум и лесната конструкција на каросеријата, тежината на новиот Q7 е намалена за 325 килограми во споредба со моделот од првата генерација, со што тој се вбројува меѓу најлесните во класата. Соодветно се намали и потрошувачката на гориво, со постигната заштеда од дури 28 проценти. Највпечатлива иновација во кокпитот е виртуелната табла со инструменти, по пример на спортското купе TT.
















