за

Apple развива апликација што го заменува клучот од возилото

Марката со јаболкото бара нови можности за интеграција на iPhone со автомобилот. Со новата апликација сопственикот може да го најде паркираното возило, да го отклучи и да го стартува.

Откако го интегрираше Siri во некои модели на возила, како класата Е на Mercedes и Chevrolet Trax, најпаметниот телефон на светот е во потрага по нови должности и задачи во автомобилот. Apple работи на метода преку која што ќе може да се најде возилото во непрегледни катни гаражи или на големи паркиралишта. Покрај тоа, возилото ќе може да се отклучи преку iPhone, но и да се стартува моторот преку екранот. За тоа се регистрирани два патента уште во 2011 година.

Водењето до сопственото паркирано возило во основа не е нешто ново. Но, тоа функционира правилно само во случај кога телефонот има добар прием на сателитските сигнали, што не е случај кај катните гаражи. Поради тоа, методата на Apple се базира на врска меѓу автомобилот и телефонот преку блутут.

Пред возачот да се оддалечи од возилото, системот ја меморира точната позиција. Со тоа се гарантира навигација до возилото. услов за техниката да функционира е во гаражата да бидат поставени блутут сензори. Покрај тоа, самиот автомобил треба да ги пренесува податоците за положбата до фиксно поставениот приемник. За локациите на автомобилот и сопственикот да се одредат со максимална прецизност, при доволно силен прием може да се комбинираат и податоците од сателитите.

Не е исклучено дека Apple ќе го понуди овој нацигациски систем во блиска иднина. Во март, концернот ја купи фирмата WiFiSlam која што е специјализирана за навигација во затворен простор.

Вториот патент се однесува на техника за возилото да се отклучи, па дури и да се стартува преку блутут врска со iPhone. Покрај тоа, ќе може да се контролираат и некои од комфорните функции, како на пример електриката на прозорците. Apple тврди дека оваа техника е побезбедна од актуелните клучеви со далечинска команда со примената на ПИН и лозинка.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Најиздржливите модели во ниската класа

Шумахер ќе вози параден круг на 24 Часа Нирбургринг