за

40 години на шпанското Фиќо

Пред точно 40 години, последниот Seat 600 ги напушти производствените ленти во Барселона. Тоа беше автомобилот што придонесе за масовна моторизација на земјата по граѓанската војна.

Со цената од 63.000 пезети за Seat 600, што одговара на денешни 378 евра, многубројни фамилии од работничката класа можеа да го остварат сонот да поседуваат автомобил. Тоа е уште еден пример колку работите се промениле од тоа време. За испорака на возилото се чекаше повеќе недели, па и месеци. За огромниот интерес сведочи фактот што продукцијата во 1958 година беше поголема за шест пати во споредба со првата година од производството.

На почетокот со 20 КС

Seat 600 ја почна кариерата со мотор од 633 сантиметри кубни и моќност од 20 КС. Во оваа верзија моделот се произведуваше во првите шест години. Потоа моторот порасна на 767 cm3, а соодветно и моќноста се зголеми на 25 КС, односно на 28 КС во подоцнежните верзии D, E и L-Especial. Овие моделски изведби излегуваа од фабриката Ла Франка во близина на Барселона во следните десет години.

Каросеријата остана непроменета, со исклучок на вратите со задно отворање, кои беа заменети со класични врати во 1970. Шпанскиот лиценцен модел ја поседуваше истата едноставност на механиката како оригиналниот Fiat 600, така што поправките беа едноставни и брзи. Освен во овластените продавници, резервните делови беа достапни буквално во сите продавници за авто делови и прибор. Тоа придонесе Seat 600 да се вози долги години, со едноставно одржување.

Десет литри во град

Seat 600 имаше крајна брзина од 115 km/h и минуваше еден километар за 45,5 секунди, што не се бројки за потсмевање ако се земе во предвид дека моторот имаше само 28 КС. Потрошувачката на гориво во град изнесуваше 10 литри, а на отворено 6,5 литри, според тогашните норми.

Актуелниот најмал модел, Seat Mii, сведочи најдобро за напредокот. Тој вози 172 km/h, минува еден километар за 35,4 секунди, што е 10 секунди покусо, и сето тоа го постигнува со еднолитарски мотор со моќност од 60, односно 75 КС, при градска потрошувачка од 5,1 литри и потрошувачка на отворено од 3,7 литри. Со еден резервоар, Mii теоретски минува 945 километри, односно 484 километри повеќе од неговиот далечен предок.

Следниот голем напредок е во багажникот. Seat 600 собираше 68,5 литри, додека багажникот на Mii е три ипол пати поголем, со 238 литри. Честа слика од времето пред половина век е Seat 600 со куфери натоварени на покривот.

Мини возилата се дел од историјата на Seat

Во својата долга историја, шпанската марка отсекогаш имала впечатливи модели од градската класа, вклучувајќи ги 600, 133, Panda, Marbella, Arosa, и актуелниот Mii. Несомнено, Seat 600 е моделот што го одбележи почетокот на долгата еволуција и автомобилот што Шпанија ќе го помни по масовната моторизација на народот. Во 1970 година, секој четврти автомобил регистиран во земјата бил Seat 600. Шпанците ја одбележуваат 40-годишнината на историскиот модел кој се произвде во 800.000 примероци до 31-ви јули 1973 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Подобро вклучена клима отколку отворен прозорец

Оцена на користено возило · Opel Vectra (2002-2008)