20 години на системот за контрола на стабилност во Mercedes

Ангелот заштитник што денес го поседуваат сите нови автомобили во Европа слави роденден. Mercedes ја воведе електронската програма за стабилност во март 1995 година. Овој систем за безбедност, познат најчесто под кратенката ESP, досега има спасено илјадници животи.

Марката со ѕвездата започна да користи електронски системи за регулирање на возно динамичките процеси уште во 1978 година, со вградувањето на системот против блокирање на тркалата при сопирање, кусо ABS, којшто во меѓувреме прерасна во класика во стандардната безбедносна опрема на секој автомобил. Седум години подоцна следеше и системот за контрола на тракцијата, односно за спречување на пролизгувањето на погонските тркала – ASR или „Антрибсшлупфрегелунг“.

Усовршувањето продолжи со уште порапидно темпо во наредниот период, за во 1995 година, со помош на дополнителни сензори, електрониката да биде во состојба да ја препознава намерата на возачот за менување на правецот (сензор за агол на вртење на воланот), како и да препознава дали возилото лизга странично (сензор за попречно забрзување) или ротира околу сопственото тежиште (сензор за ротирање околу z-оската). Во март 1995 година, овој систем се вгради премиерно во луксузното купе S 600 од генерацијата C 140, а неколку месеци подоцна и во лимузината од класата S (W 140) и родстерот SL (R 129). Моделите со мотор V12 го поседуваа системот стандардно, додека за моделите со мотор V8 истиот беше достапен како доплата.

Од ноември 2011 година, сите нови автомобили во Европа мораат да поседуваат ЕЅР

Системот доживеа помасовно вградување во 1997 година, кога еден шведски магазин за автомобили, при тестирањето на тогашната класа А, го преврте возилото при изведувањето на таканаречениот „еленски тест“. До денес е неразјаснето дали целата таа акција беше смислено сценарио на Mercedes за популаризација на новиот безбедносен систем, но факт е дека системот денес се вградува стандардно во секој нов автомобил во Европа, исто како и фактот што класата А продолжи да се продава уште повеќе. Но, за сета таа „идеја“ да успее, Mercedes во 1997 година стартуваше со сериско вградување на системот ESP во сите свои возила, меѓу другото и за спречување на опасноста од превртување на класата А. Во секој случај, генијално осмислено сценарио за популаризација на системот ESP.

Покрај безбедносните ремени, воздушните перници и системот ABS, контролата на стабилноста ESP е еден од најважните безбедносни системи во модерните автомобили. Според процените на германските осигурителни компании во 2008 година, „доколку сите автомобили поседуваат ЕЅР, бројот на незгоди со повредени лица, само во Германија, на годишно ниво ќе се намали за 37.000 лица, односно за 1.100 ќе се намали бројот на загинати лица“

Контролата на стабилноста во основа му помага на возачот да ја задржи контролата над возилото. Кога системот ќе препознае критична ситуација, во зависност од ситуацијата и од потребата, тој сопира едно или повеќе тркала. Во дваесетте години, системот напредуваше преку побрзо и понежно активирање на сопирачките, побрзи компјутери, покомпактни димензии и нови алгоритми. Со воведувањето на електромотори за сервоподдршка на управувањето, системот ЕЅР беше во состојба да „интервенира“ и во самото управување, односно самостојно да ги подзаврти тркалата за одреден степен заради стабилизирање на возилото. Кај денешните системи, активирањето на ЕЅР речиси и не се чувствува во повеќето ситуации.

Пример за ситуација на регулирање на ЕЅР: При опасност од надуправување, односно „бегање на опашот“, ЕЅР го сопира предното лево тркало во десен свијок, создавајќи спротивен момент, со што возилото продолжува да се движи по саканата линија на свијокот
Пример за ситуација на регулирање на ЕЅР: При опасност од надуправување, односно „бегање на опашот“, ЕЅР го сопира предното лево тркало во десен свијок, создавајќи спротивен момент, со што возилото продолжува да се движи по саканата линија на свијокот

Претходна објаваПо патот на Тарга Флорио: Сицилијанското потекло на Porsche 911 Targa
Следна објаваДвојно зголемување на продажбата на електрични автомобили во Европа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here