за ,

По патот на Тарга Флорио: Сицилијанското потекло на Porsche 911 Targa

Строгите безбедносни стандарди на американскиот пазар ја „креираа“ моделската изведба со име Тarga од култното купе од Цуфенхаузен. Овој „безбеден кабриолет“, препознатлив по широкиот заштитен лак зад предните седишта, брзо по неговото преставување на салонот во Франкфурт во 1965 година прерасна во нова легенда на Porsche. Актуелниот модел 911 Targa 4 беше претставен лани, а во неговата врвна изведба GTS, тој вози со 430 КС и постигнува крајна брзина од 303 километри на час.

Единаесет победи на Porsche на Тарга Флорио меѓу 1956 и 1973 година

Оваа брзина е незамислива во Мадонија, во јадрото на Сицилија. Планината источно од Палермо, којашто се издига од брегот на Средоземното Море до надморска висина од 2.000 метри, претставува родно место на Porsche 911 Targa. Германската марка тука ги постигна единаесетте грандиозни победи во периодот меѓу 1956 и 1973 година, на славната „Тарга Флорио“, маратонска трка по јавните патишта по планините на Сицилија. Серијата победи започна со Умберто Маљоли и Хушке фон Ханштајн со 550А Spyder, за триумфот да го заокружат Херберт Милер и Гијс ван Ленеп со Porsche 911 Carrera RSR Martini Racing.

Porsche 911 Targa GTS по трагите на легендарната Тарга Флорио
Porsche 911 Targa GTS по трагите на легендарната Тарга Флорио

Првата „Тарга Флорио“ се одржа во 1906 година во организација на Винченцо Флорио, син на богат претприемач од Сицилија. Винченцо не забележа победа на трката, но неговото име остана запишано засекогаш во историјата на мотоспортот. Името „Тарга“, пак, потекнува од италијанскиот збор за „плочка“, односно за бронзената плакета што му се доделува на победникот на трката.

Од 6-ти мај 1906 година, планинските патишта во Мадонија редовно се претвоаат во предизвикувачка тркачка патека. Со текот на годините, должината на патеката се менуваше од 148 до 110, а потоа и на 72 километри. На оваа „Пикола Мадонија“, од 1951 до 1977 година обично се водеа по десет кругови, пред да се прогласи победникот.

До денес не е соборен рекордот на Хелмут Марко од 1972 година

Се стартува од Черда, по познатиот SS120 којшто води по кривулеста патека од брегот на Средоземното Море до планинските висини. Престигнувањето е речиси невозможно на тесниот пат, поради што возилата стартуваат на растојание од 20 секунди. Рекордната просечна брзина од 128 километри на час е постигната во 1972 година. Хелмут Марко го постави вечниот рекорд од 33:41 минути со Alfa Romeo. Најбрзото време на тренинг, пак, го има постигнато Лео Кинунен со Porsche 908/03. Легендарните 2.000 свијоци, во сегашната состојба на патот, повеќе не може да се извозат побрзо од рекордите во 1970-те години. Но, во секој случај и натаму претставува уживање да се вози по легендарната патека и во трагите што сведочат за возбудливите времиња по планините покрај Палермо.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Tesla Motors: Автомобилскиот пазар освоен, на ред се домаќинствата

20 години на системот за контрола на стабилност во Mercedes