На марката со тризабец во маската може да ѝ се случи истото како на конкурентот Porsche и спортскиот теренец Levante да го преземе водството во продажбата од традиционалните модели.
Maserati е меѓу последните марки што ја погазува долгата традиција на тркачките патеки и нуди автомобил со префикс „теренски“ покрај своите спортски купеа и лимузини. Но, овој драстичен чекор досега никому не наштетил. Jaguar го има F-Pace, дури и Bentley се впушти во теренска авантура со Bentayga, следат Lamborghini Urus и Rolls-Royce Cullinan. Клучните пазари, како Кина и САД, бараат примерок повеќе од спортските теренци и Maserati отсега ќе ги услужува и клиентите во овој сегмент со новиот Levante.
Марката од Болоња планира во следните две години двојно да ја зголеми продажбата, на 70.000 возила, за што најмногу треба да придонесе токму спортскиот теренец именуван според медитеранскиот ветар. Со планирана продажба од 18.000 примероци до крајот на годинава и над триесет илјади во следната година, Levante ќе стане новиот бестселер на Maserati, пред спортските лимузини Ghibli и Quattroporte.
Прв модел на Maserati што се испорачува со влечна кука
Levante го користи погонот на сите тркала Q4 од Ghibli, со варијабилна распределба на вртежниот момент меѓу тркалата на иста оска во свијоци, заради постигнување поголема динамика во возењето. Стандардно следува и механичка блокада на задниот диференцијал, со истата цел. Во конкурентот на Porsche Cayenne работат моторите од Ghibli: Трилитарски V6 со битурбо натполнење гени од Ferrari, како и трилитарски дизел V6, развиен кај италијанскиот специјалист VM Motori, во комбинација со осумстепен автоматски менувач од ZF. Во 2018 година следува и верзија со хибриден погон.
















