за

Audi ја прославува десетгодишнината на TDI на Леман

Audi напиша историско поглавје на Леман кога во 2006 година беше прв производител што победил со дизел мотор на легендарната трка. Во Инголштат се надеваат на следната победа во претстојниов викенд.

Пред десет години, Audi за првпат се појави на Леман со тркачки прототип со дизел мотор. Според Том Кристенсен, рекордер со девет победи на легендарната патека, „при повисоки брзини, ветрот се слушаше повеќе од моторот.“ Преоѓањето на V12 TDI беше предизвик за инженерите, кои мораа сé да преправаат, почнувајќи од пропорциите на возилото, распределбата на тежината, аеродинамиката, преку каналите за воздух за ладење, до самиот пренос на сила, затоа што моќноста и вртежниот момент беа далеку над тоа што претходно го постигнуваа тркачките прототипи на Audi Sport.

Дванаесетцилиндарецот од 5,5 литри беше развиван заедно со одделението за развој на мотори за сериско производство и беше прв дизел мотор на Audi со алуминиумски блок. Франк Биела, Емануел Пиро и Мрко Вернер, со овој мотор извозеа 380 кругови и први ја минаа целната линија, по 5.187 километри.

Рекордот за најдолго растојание на Леман падна по 39 години

Во 2010 година, моторот V12 беше заменет со V10 TDI, покус за 100 милиметри и полесен за 10 проценти. Тимо Бернхард, Ромен Дума, Мајк Рокенфелер, по 397 кругови и 5.410,713 километри на Лена, соборија рекорд стар 39 години, уште од времето кога немаше шикани на правецот Унодиер. Трикратна победа за Audi Sport. Моторот од 5,5 литри за првпат располагаше со два турбокомпресора со варијабилна геометрија.

Следната година беше ред за R18 TDI, со мотор V6 TDI од 3,7 литри. Според новите правила, моќноста од 650 КС во 2006 се смали на 490 КС во 2011, но инженерите успеаја да ја зголемат литарската моќност од 118 КС/l на 146 КС/l. Голема заслуга за тоа имаше и впрскувањето под екстремно висок притисок, до 3.000 бари! Audi победи повторно, исто како и во следната година, со R18 e-tron quattro, за првпат со хибриден погон.

audi 10 godini tdi le mans 1

Во 2014 година, трчаките правилници повторно поставија пречки, но место намалување на работната зафатнина или на дифузорот, беше ограничено горивото. Audi го зголеми моторот V6 TDI на четири литри, а потрошувачката ја намали за 24 проценти во споредба со претходникот. Audi по осми пат победи со TDI на Леман.

За оваа сезона, енергетската потрошувачка повторно е намалена. Audi и натаму вози со V6 TDI, шест години по ред, со постојано усовршување. Актуелниот TDI троши 32,4 проценти помалку гориво од првиот V6 од 2011 година. За десет години, потрошувачката е намалена за 46,4 проценти. Но, и покрај строгите ограничувања, времето на круг е скусено до 15 секунди во минативе десет години, меѓу другото и со усовршувањето на аеродинамиката и лесната конструкција, покрај самиот погон.

[FAG id=24800]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Теренецот Levante ќе стане најпродаван модел на Maserati

Maserati Quattroporte се надмина себеси: Фејслифт за спортската лимузина