Супербрзи полначи од Амстердам до Виена: Полни батерии за 20 минути

По целиот патен коридор од Холандија до Австрија во должина од 1.100 километри ќе се постават 25 брзи полначи, на коишто електричните автомобили ќе можат да ги наполнат батериите за само 20 минути.

Ограничениот досег на електричните автомобили и здодевното полнење на батериите за многумина возачи се главни аргументи против електричниот погон. Цел на проектот Ultra-E е да се надминат овие ограничувања. Во рамките на овој проект, конзорциум од дистрибутери на електрична енергија, производители на автомобили и други претпријатија ќе постави 25 брзи полначи по целиот потег од регионални автопатишта од Холандија до Австрија.

Прва регионална делница што целосно е покриена со полначи за струја

Со овие полначи ќе се покријат повеќе патни коридори во вкупна должина од 1.100 километри од Амстердам до Виена. На секои 120-150 километри, возачите на електромобили ќе имаат можност за дополнување на батериите на своите возила за исклучително кусо време. Со тоа, Ultra-E е првата регионална делница во Европа што целосно е покриена со полначи за електромобили.

Брзите полначи ќе располагаат со моќност до 350 киловати и ќе бидат компатибилни со постоечката мрежа од полначи со моќност од 50 киловати, односно ќе ја надополнуваат истата. Неколкупати повисоката моќност на новите полначи ќе го скуси времето на полнење на батериите од 1,5 час на само 20 минути.

Во проектот вреден 13 милиони евра учествуваат Audi, BMW, Renault, Magna и уште неколку компании, ЕУ учествува со половина од сумата, односно со 6,5 милиони евра.

Претходна објаваПеттата генерација на Honda CR-V ја започнува кариерата во Америка
Следна објаваХотели во Британија заработуваат од изнајмување слободен паркинг

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here