Стандардно генијалните Британци пронајдоа начин да ја зголемат заработувачката на своите хотели во време кога се појавуваат нови можности за патување и алтернативни сместувања како Airbnb. Хотелите ги изнајмуваат слободните места за паркирање и од тоа месечно заработуваат и по 3.000 фунти.
Стотици хотели во Велика Британија постигнуваат дополнителна заработувачка од изнајмување на слободни места за паркирање. Хотелиерите годинава ќе заработат над 850.000 фунти, понудувајќи слободен паркинг преку интернет страницата yourparkingspace.co.uk.
Меѓу 250-те хотели што ги користат своите паркиралишта за изнајмување преку оваа интернет страница се и големи имиња како Novotel или Holiday Inn, со некои хотели што месечно заработуваат и над 3.000 фунти.
Зголемената разновидност од можности за патување и алтернативните сместувања, како Airbnb, доведе до ситуација во којашто традиционалните хотели мораат да применуваат нови стратегии за зголемување на заработувачката и намалување на трошоците, а изнајмувањето на слободните места за паркирање се покажа одлично во тој поглед.
Најпривлечни секако се хотелите што се наоѓаат блиску до градскиот центар, кадешто има голем број туристички атракции и соодветно е голема побарувачката за паркинг.
















