за

Петтата генерација на Honda CR-V ја започнува кариерата во Америка

Четири милиони примероци, статус на бестселер во последните 20 години и локално производство во три фабрики. Тоа се фактите зад Honda CR-V на пазарот во САД и оттаму не чуди тоа што новата генерација на моделот повторно стартува од другата страна на големата бара. Базиран врз заедничка платформа со новиот Civic, во CR-V следува и 1,5-литарски турбо.

Најамериканскиот автомобил на Honda зимово стартува со продажба во новата, петта генерација. Статусот „најамерикански“ не е случаен: Од претставувањето во 1997 година, Honda CR-V е најпродаван теренец преку големата бара, со преку четири милиони продадени примероци. Новата генерација настапува со нов стил, облагороден ентериер, за првпат со бензинец со турбонатполнење и со вообичаениот арсенал од системи за асистенција.

honda cr-v new 6

Промените во стилот му носат поагресивна нота на CR-V, постигната првенствено со формата на светлата и дневните диодни светла во форма на крило. Долгата хауба, продолженото меѓуоскино растојание, кусиот каросериски превис назад и двојниот издув, од друга страна му даваат пософистицирана и атлетска појава на моделот. Во повисоките нивоа на опрема следуваат и диодни предни светла, со впечатлива шема на осветлување.

Суштински зафати во аеродинамиката заради подобрување на штедливоста

За првпат во модел на Honda се применува предна маска со подвижни ламели, коишто се затвораат при повисока брзина заради подобрување на аеродинамичноста. Предните столбови се стеснети заради подобра прегледност. Следната премиера во марката е за задниот капак, којшто се отвора преку замавнување со стопалото под браникот.

honda cr-v new 4

Најголемиот новитет е под хаубата. Тука работи првиот бензинец со турбонатполнење во CR-V, со работна зафатнина од 1,5 литар и 192 КС. Традиционалните уживатели во дебелите работни зафатнини сигурно нема да реагираат со одушевување на оваа вест, но затоа Honda ветува водечка економичност во сегментот. На посигурна карта игра 2,4-литарскиот бензинец со директно впрскување и i-VTEC, со моќност од 185 КС. Обата мотори ја испорачуваат моќта до безстепен менувач, со „виртуелни“ степени на пренос преку G-Shift.

Подобрена управливост, повеќе комфор и најпросторна кабина во класата

Промените во подвозјето носат подобрена управливост и покултивирана амортизација, при зголемено растојание од подлогата во споредба со претходникот. Водењето на задните тркала и натаму е задача на мултилинк оска. Honda ветува најпросторна кабина во класата, вклучувајќи го и просторот за нозе на задната клупа, како и поквалитетни материјали, мека облога на таблата со инструменти и ефектна опшивка на седиштата. Солидно освежување во CR-V носат и дигиталните инструменти.

2017 Honda CR-V

Во педантно уредената средишна конзола доминира дисплеј од 7 инчи, поставен под стаклен панел по цената ширина на конзолата, односно дисплејот на навигацискиот систем којшто е развиен во соработка со Garmin. Поддршката за Apple CarPlay и Android Auto се подразбира, вклучувајќи говорни команди и ракување со мобилните апликации.

Новитети во функционалноста и комфорот се далечинското стартување на моторот, двозонска контрола на климатизацијата, загревани ретровизори, електрична паркирна сопирачка, приклучоци USB на задната клупа, како и електрично местење на возачкото седиште во 8 насоки, вклучувајќи 4-насочно местење на слабинската поддршка. Во системите за асистенција се придружуваат надгледување на мртвите агли, предупредување од возило во попречен правец при излегување во рикверц и автоматско долго светло.

Премиерата на европската варијанта следува в година

Honda CR-V ќе се произведува во три фабрики на северноамериканскиот континент: Ист Либерти (Охајо), Елистон (Онтарио, Канада) и за првпат Гринсбург (Индијана). Моторите ќе пристигаат од фабриката во Ана (Охајо) и Елистон (Онтарио), додека менувачите ќе се произведуваат во Раселс Поинт, во Охајо.

Европската варијанта на петтата генерација на Honda CR-V ќе се појави на пазарот во 2017 година, со незначителни промени во изгледот и со 1,6-литарски дизел како дополнување во понудата од мотори.

[FAG id=25890]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Електричниот теренец на Audi: E-tron ќе биде новиот quattro

Супербрзи полначи од Амстердам до Виена: Полни батерии за 20 минути