
Секое петто продадено возило во Европа лани било теренски автомобили или кросовер. Партнерите Renault и Nissan ја предводат продажбата во двата најголеми сегменти.
Теренците и кросоверите профитираа најмногу од првото зголемување во вкупната продажба на автомобили на европскиот пазар по 2007 година. Возилата од овие два сегмента лани се продале во преку 2,5 милиони примероци и со растот од 21 процент четирикратно го надминуваат просечниот раст на целиот европски пазар на возила лани од 5,3 проценти. Во моментов единствено кинескиот пазар бележи поголем апетит за теренци и кросовери од Европа, со плусот во продажбата од 26 проценти.
Nissan Qashqai е непрокосновен лидер во продажбата во сегментот, со нов рекорд од 204.500 примероци по воведувањето на новата генерација на кросоверот и со голема предност пред Volkswagen Tiguan и Toyota RAV4. Партнерството Renault-Nissan ја држи превласта и во вториот најголем сегмент, во малечки кросовери, каде што првото место лани му припадна на Renault Captur со 165.868 примероци. Останатите два модела од француско-јапонската алијанса, Dacia Duster и Nissan Juke, се најдоа на третото, односно на петтото место во сегментот. Една година претходно, Juke беше на првото место, додека во периодот од 2010 до 2012 година, сегментот го предводеше романскиот кросовер. Шефот Карлос Гон очекува алијансата да го засили водството откако новиот Renault Kadjar, изработен врз база на Nissan Qashqai, ќе стартува со продажба летово.

Електричните со огромен пораст од близу 80 проценти
Најголем пораст во продажбата од сите сегменти имаат електричните возила, со стапка на раст од 79 проценти и 60.408 примероци. Nissan Leaf е најпродаван електричен автомобил, пред Renault Zoe и BMW i3 на третото место. Европејците купуваат најмногу возила од класата на малечки автомобили, кадешто лани се продале 2,59 милиони примероци, односно 2 проценти повеќе отколку во 2013 година. Најпродаван модел е Ford Fiesta, пред Renault Clio и Volkswagen Polo. Од сите модели на пазарот најмногу се продава Volkswagen Golf, со преку половина милион примероци и двојно повеќе од најблискиот конкурент, Ford Focus. Најголеми губитници се вановите, како и кабриолетите и купеата, со продажби намалени и до 20 проценти.















