Германскиот магазин спроведе спектакуларно тестирање на потрошувачката на гориво на повеќе од 50 олдтајмери од пет декади. Како и вообичаено за Auto Bild, има изненадувачки податоци.
Специјализираното издание за олдтајмери на германскиот магазин Auto Bild ги има одговорите на сите прашања што отсекогаш го интересирале секој вљубеник во олдтајмери и јангтајмери – и на уште многу други прашања. Секако дека првото прашање би било: Колку многу гориво трошат тие автомобили со огромни мотори со карбураторско напојување, со три или четиристепени менувачи и со каросерија што има аеродинамика на ѕид? Според податоците до коишто дојде Auto Bild, нема еден единствен одговор на тоа прашање.

Многу изненадувања се покажаа на ова спектакуларно тестирање, на коешто редакцијата на специјализираниот Auto Bild Klassik извозе преку 50 автомобили стари и по половина век, на редовната тура во должина од 160 километри, што инаку редовно ја користи Auto Bild при мерењето на потрошувачката на новите автомобили на тестовите. Турата се состои од три приближно еднакви дела – град, автопат и спореден пат. Пред тестот и по завршувањето, резервоарот на секој од 50-те автомобили се полнеше до врв, за при долевањето прецизно да се утврди количината на потрошено гориво.
Најмногу со 70 проценти од дозволената брзина – заради почит кон годините
Заради почит кон староста на олдтајмерите на тестот, на делниците од легендарниот аутобан кадешто не се ограничува брзината на возење, тимот на Auto Bild Klassik ги тераше вредните историски автомобили со најмногу 70 проценти од крајната брзина – со исклучок на некои автомобили, како Renault R4, со коишто поради „безбедносни причини“ морало да се вози малку побрзо од тие седумдесет проценти. Вообичаено „германски“, сите автомобили пред тестирањето биле ставени на технички преглед, заради проверка на компресијата, дотерувањето на карбураторот, зјајот на вентилите, притисокот во гумите – и заради целосна веродостојност на добиените податоци за потрошувачката на гориво.
Вредностите од тестот на олдтајмерите може да се споредуваат со актуелните модели
Како што наведува магазинот, возилата биле тестирани со умерено темпо, соодветно на начинот што го практикуваат и сопствениците на овие автомобили, така што во повеќето случаи не се добиваат очекуваните астрономски вредности од преку дваесет литри, како на времето кога моделите биле нови и сопствениците беснееле со нив по патиштата. Во секој случај, сите олдтајмери на тестот се возени во исти услови и вредностите се сосема вердостојни за меѓусебна споредба, исто како и за споредба со вредностите од тестовите на актуелните модели.
Спектарот на возила досега од автомобилската ѕвезда од времето на германското економско чудо, Borgward Hansa, преку брзата Alfa Romeo Montreal, до едноставниот Renault R4. Има и неколку американски крстосувачи, од Chrysler New Yorker до Cadillac од времето на Роналд Реган. Многу изненедувања се појавија на големото тестирање – вклучувајќи и неколку вистински штедливци, наспроти очекувањата.
Колку навистина трошат олдтајмерите на големиот тест на Auto Bild и Auto Bild Klassik, погледнете во галеријата. Моделите се подредени од најштедливиот кон најненаситниот.
Избор од содржините на Аутомедиа МК
- Новиот модел на Форд ќе биде препакуван кинески Џили
- Електро-шоу во салон: Рено прво прави автомобилот да биде добар, па потоа електричен
- Дилери на Шаопенг и БИД во Германија со месеци чекаат пари од производителот
- Инвеститорите ги загубија сите надежи во Илон Маск
- Што е сменето во новата моделска година на Мерцедес-Бенц Ц-Класа
- Кинескиот автомобилски пазар пред најголемиот пад во историјата, трпат и традиционалните производители
















