Заживувањето на економијата во јужна Европа и акциските попусти придонесоа продажбата на автомобили во февруари да забележи раст од 8 проценти. Пазарот расте веќе шест месеци во континуитет.
Бројот на новорегистрирани возила во земјите од ЕУ и ЕФТА во февруари изнесуваше 894.730 возила, наспроти 831.371 возило во ланскиот февруари. Повеќето поголеми марки забележаа раст, со исклучок на Volkswagen. Францускиот PSA Peugeot Citroen продаде 3,5 проценти повеќе возила во минатиот месец, благодарејќи првенствено на успехот на новиот Peugeot 308. Евтината марка Dacia со растот од 34 проценти придонесе групацијата Renault да постигне плус од 11,5 проценти. Французите профитираа и од кросоверот Captur.
Fiesta и спортскиот теренец Kuga му донесоа на Ford раст од 11 проценти во регионот. Марката со синиот овал најави дека соодветно ќе ја зголеми продукцијата на Fiesta во фабриката во Келн. General Motors се подобри за 12 проценти, со раст од 16 проценти на марките Opel и Vauxhall, и со пад од 5 проценти во продажбата на Chevrolet, кој што ќе замине од европскиот пазар до 2016 година.
Европскиот број 1, Volkswagen, на ниво на групација забележа зголемување во продажбата од 7 проценти, со 21,5% од Skoda, 16% од Seat и 12% од Audi. Единствено матичната марка Volkswagen забележа минус од 0,8 процент. Кај Италијанците има плус од 5,8 проценти, којшто доаѓа главно од продажбата на миниванот 500L. Одлични бројки има и кај Toyota, со +14%, додека растот кај конкурентот Nissan е поскромен и изнесува 3 проценти. Продажбата на Hyundai порасна за 3 проценти, на Kia за дури осум проценти.
Групата од најважните производители ја комплетираат групациите BMW, со +4% (BMW +7%, Mini -10%) и Mercedes, исто така со 4 проценти во плус (Mercedes +5%, Smart-7%). Пазарните аналитичари предвидуваат дека на годишно ниво, производителите на автомобили ќе забележат зголемување од 2 проценти на европскиот пазар.