Врвниот спортист на Audi е веќе осма година на пазарот. Време е за нов R8, кој ќе им се спротивстави на футуристичкиот BMW i8 и на идниот Mercedes GT.
Ловците на прототипи ги направија првите фотографии од тестирањето на патека на идната генерација на Audi R8. Иако каросеријата е маскирана, основните дизајнерски потези се наѕираат. Исто како кај неодамна претставениот TT, суперспортскиот R8 ќе ја следи формата на актуелниот модел. Светлата ќе имаат поостри агли и носот ќе биде понизок. Впечатливите рабови по должината на каросеријата придонесуваат страничната силуета да изгледа поагресивно, а задното стакло продолжува во права линија до опашот.
Германско италијанска соработка
Исто како кај претхоникот, новиот R8 ќе користи техника на Lamborghini. Каросериската структура од карбон и алуминиум потекнува од новиот Huracan, исто како и врвната изведба на 5,2-литарскиот атмосферски V10. Од почит кон италијанскиот колега и неговите 610 КС, моќноста во Audi ќе се смали на 590 КС. Основниот модел ќе вози со оптимиран V8 од 4,2 литри со моќност од 450 КС, кој исто така се повикува на принципот на високи вртежи место на турбонатполнење. Официјалното претставување на новиот Audi R8 може да се очекува напролет во 2015 година.


















