за

Премиера на новата генерација на Audi Q5 во Порше Македонија

Порше Македонија ја претстави новата генерација на теренецот од средната класа Audi Q5. Менаџментот на компанијата ја искористи приликата за официјално да потврди дека Volkswagen го презема статусот на најголем производител на автомобили во светот, во една од најтешките години во историјата на концернот. Новиот Audi Q5 е вистинската демонстрација на моќта којашто концернот од Волфсбург го донесе на врвот на автомобилската бранша.

Audi стартува со продажба на новата генерација на теренецот од средната класа Q5 на македонскиот пазар. На денешната промоција на моделот во салонот на марката со четирите прстени, Audi Q5 беше најавен како модел што повторно поставува стандарди во својата класа, почнувајќи од поврзувањето, преку ефикасноста, до помошните системи за возачот.

„Од континенталните патишта до морските пејзажи, од центарот на градот до врвот на планината“

Во вообичаената мотивирачка реторика на генералниот менаџер на Порше Македонија, Златко Муцунски, „секојдневниот живот станува сé повеќе динамичен и повикува на агилност и флексибилност, но и на издржливост. За возврат нуди се повеќе начини да ги оствариме нашите соништа и нашиот креативен потенцијал. Со еден збор, ние никогаш не сме имале толку многу слобода да го обликуваме нашиот секојдневен живот. Секогаш сме на располагање – постојано комуницираме и споделуваме информации. Денес е тенка линијата меѓу работното и слободното време. Постојано сме во движење. Мобилноста во најширока смисла е одлика на нашето време. Новиот Audi Q5 ја следи долгата традиција на флексибилност во мобилноста, реагира на она што го носи денот. Тој е комбинација на елегантен дизајн со високо ниво на функционалност, удобност, стил и динамика. Од континенталните патишта до морските пејзажи, од центарот на градот до врвот на планината.“

Audi Q5 skopje00004

Првата генерација на Audi Q5 беше претставена во 2008 година, како втор теренски модел во понудата на Audi и се продаде во повеќе од 1,6 милион примероци. За предизвикот при создавањето на втората генерација на моделот што постигна најголема продажба во својата класа говореше бренд-менаџерот на Audi, Винко Марашевиќ: „Не беше лесна задача да се создаде негов наследник, но тоа е и причината зошто новиот Audi Q5 е толку возбудлив. Секој детал на Audi Q5 е обликуван со страст. Препознатливиот Q-дизајн отелотворува динамика и смиреност. Со Q5, Audi уште еднаш ги подигнува стандардите. Меѓу бројните иновации се истакнуваат новиот quattro погон со ултра технологија, високо ефикасните мотори, воздушната суспензија, како и низа нови системи кои се дел од забавно информативниот систем и системите за помош на возачот при управување со возилото.“

Полесен за 90 килограми во споредба со претходникот

Платформата MLB Evo, којашто новиот Q5 ја користи заедно со Audi A4 и A5, придонесе меѓу другото тежината на возилото да се намали за 90 килограми, иако каросеријата порасна во сите правци. Должината изнесува 4,66 метри, ширината 1,89 метар, висината 1,66 метар, додека меѓуоскиното растојание се зголеми за 20 милиметри, на 2,82 метри, што оди најмногу во корист на просторноста на задната клупа. Багажникот стандардно располага со 550 литри, со можност за 1.550 литри со соборена клупа. Коефициентот на отпор на воздух од 0,30 Cw е најнизок во класата. Според Audi, вибрациите и звуците во кабината се намалени и возачот и патниците уживаат во најдобрата внатрешна акустика во класата.

https://automedia.mk/objavi/25672

Мултифункциски волан со три краци се испорачува стандардно, а списокот на дополнителна опрема нуди опции како греење на воланот, масажа на седиштата, амбиентално осветлување со 30 различни спектри на бои, и специјалитетот на Audi, виртуелен кокпит со дисплеј од 12,3 инчи. Не недостига проекциски дисплеј, сензорско поле коешто распознава ракопис и гестикулации,  Audi connect LTE за безжичен интернет и поврзување на осум мобилни уреди, Bang & Olufsen со 3D звук за аудиофилите, таблет за задните седишта или CarPlay Apple и Android Auto.

Трилитарски TDI со 286 КС како привремен топ-модел до пристигањето на SQ5

Понудата од погонски единици опфаќа три моќни и во исто време ефикасни мотори: Дволитарски TDI со 190 КС и 400 Nm, трилитарски TDI со 286 КС и 620 Nm, дволитарски TFSI со 252 КС и 370 Nm. Знајачни модификации се извршени во quattro погонот. Верзијата на погонот што е оптимирана за врвна ефикасност се води како quattro ultra и се вградува во Q5 2.0 TDI со 190 КС и Q5 TFSI со 252 КС. Во стандардни услови на возење, погонот е само на предната оска, а задните тркала се приклучуваат во погонската спрега кога интелигенцијата на погонот ќе препознае потреба од нивно вклучување.

Подвозјето што користи по пет водилки за тркалата на обете оски стандардно се испорачува со Audi drive select, со избор на пет режими на возење: Комфор, автоматски, динамичен, штедлив, теренски, а дополнително и индивидуален режим, доколку моделот поседува навигација. Два нови режими на возење се „lift/offroad“ и “allroad“, достапни во комбинација со приспособливата воздушна суспензија, за максимално искористување на теренскиот потенцијал на Audi Q5.

Ценовникот стартува од 49.989 евра за Audi Q5 2.0 TDI S-tronic, додека трилитарскиот TDI со 286 КС чини 62.972 евра.

[FAG id=27182]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Двократниот Ф1-шампион Фитипалди со сопствена марка суперавтомобили

Toyota се загрева за 24 Часа Леман