Легендата од тркачките патеки на формула 1 се враќа на сцената со сопствена автомобилска марка. Fittipaldi Motors ќе претстави суперспортски автомобил на претстојниот салон во Женева. Детали околу техниката на EF7 засега не се објавуваат, но затоа педигрето е беспрекорно: Дизајн од Pininfarina, асистенција од основачот на AMG и возачко искуство на двократен шампион во формула 1.
Три автомобилски легенди се здружуваат за на светот да му ја понудат следната фасцинација. Шампионот во формула 1 во 1972 и 1974 година, Емерсон Фитипалди, на салонот во Женева во март ќе претстави под своето име нов суперспортски автомобил. Многу ветува фактот што во развојот на автомобилот учествуваше компанијата HWA, во сопственост на основачот на AMG, Ханс Вернер Ауфрехт. Третото име што совршено ја заокружува оваа соработка е Pininfarina. Компанијата Fittipaldi Motors го најавува својот автомобил како „уметност во спој со брзина: Сон на шампион, германски инженеринг и италијански дизајн.“
Во Женева ќе се одржи светската премиера на првиот од серијата модели коишто се остварување на долгогодишната желба на шампионот да го примени своето искуство стекнато на тркачките патеки во возило што ќе понуди ново возачко искуство во лигата на суперавтомобилите. Како што е вообичаено во последно време, од автомобилот ќе се „изработи“ и виртуелна верзија за компјутерската симулација Gran Turismo.
Автомобилот ќе биде претставен под ознаката EF7, со иницијалите на Бразилецот и „мистериозна“ седумка. Емерсон Фитипалди лани во декември го славеше 70-от роденден. Fittipaldi EF7 е се освен автомобил на „пензионерот“. Пред три години, Фитипалди возеше на 6-часовниот маратон во Сао Паоло, речиси четири децении по првото освојување на светскиот шампионат како најмлад возач во историјата на формула 1. Бразилецот ја заврши маратонската трка на 21-то место, зад воланот на Ferrari 458 Italia GT2.
















