за

Ова подрачје на автомобилот е ноќна мора за дизајнерите

Голем број автомобили ја имаат истата проблематична зона. Основата на предните столбови им предизвикува главоболки на конструкторите и дизајнерите. Надминувањето на овој проблем бара сериозен ангажман.

Конструкторите и дизајнерите се соочуваат со истиот проблем кај речиси секој современ автомобил: Основата на предните столбови на кабината. Тоа е подрачјето од каросеријата во коешто се спојуваат хаубата, предните крила, предната врата, ветробранот, предните прозорци и самиот преден столб, наречен уште и А-столб. Згора на сé, тука се наоѓаат и ретровизорите. Многуте жлебови што се спојуваат создаваат впечаток како автомобилот да ќе распрсне во ова подрачје.

mercedes e-class a-stolb

Но, која е точно причината за дури и најелегантно дизајнираната предница да изгледа грдо во подрачјето на предните столбови – барем во повеќето случаи. Тука се наоѓаат надолжните носачи, попречните носачи, самиот преден столб и неговото продолжение надолу. Според тоа, предните столбови или поточно, нивната основа, претставува суштински „јазол“ за крутоста на каросеријата и функционирањето на безбедносната структура при судир. Токму неопходноста за прифаќање и пренасочување на енормните сили при судир условува конструирање на ваков вид на повеќекратни споеви. Од тоа зависи зачувувањето на „просторот за преживување“ за патниците во возилото.

Кабината на секој автомобил мора да издржи паѓање на покрив

Конструкцијата на основата на предните столбови не се гледа однадвор. Работа на дизајнерите е да го прикријат ова гломазно подрачје – колку што тоа е можно. Проблем е тоа што ретко се успева во тоа. Честопати неугледниот дизајн во ова „коше“ е одличен пример за тоа дека безбедноста и елеганцијата се спојуваат тешко. Со други зборови, ова грдо подрачје е данокот што мора да се плати, за патниците да излезат неповредени од кабината и по превртувањето на возилото.

mercedes test pokriv

До пред три или четири децении, линијата на предното крило продолжуваше непречено и право сé до опашот на тогашните автомобили. На оваа каросериска основа само се додаваше покривот. Моделите изгледаа елегантно, но проблемот беше во тоа што покривот колабираше при превртување, дури и само под дејство на тежината на самиот автомобил. Денешните автомобили се конструрани поинаку и предните столбови мора да бидат масивни.

Доколку покривот колабира, проблемот најчесто е во предниот столб

Како дел од интерните норми, секој автомобил на Mercedes мора да го издржи таканаречениот пад на покрив. Тестирањето се состои во тоа што автомобилот се пушта да падне на покрив од висина од половина метар. Притоа, кабината смее да претрпи само незначителни деформации. Доколку дојде до поголеми деформации, проблемот најчесто е во предните столбови.

mercedes e-class kar_struktura_2

Конструкцијата на самите столбови се состои од повеќе ламарини од неколку различни видови челик, коишто се заварени или залепени. Различни челични ламарини се користат затоа што е потребно да се постигне вистинската комбинација од крутост и деформабилност, за столбот да може да ја прифати енергијата на судирот, но притоа да не се свитка премногу. Покрај тоа, веднаш под основата на предните столбови се наоѓа и шарката на вратата, којашто исто така мора да е заштитена за вратата да може да се отвори дури и по тежок судир.

Предните столбови не смеат да одземаат повеќе од 7% од видното поле

Дизајнерите се соочуваат со големи компромиси при изведувањето на ова подрачје од каросеријата. Предизвикот е уште поголем кога ќе се земе во предвид дека предните столбови не смеат да покриваат повеќе од седум степени од видното поле на возачот. Во идеален случај, левиот и десниот преден столб би требало да се разликуваат, од аспект на обезбедувањето на видното поле. Но, таков автомобил нема да биде привлечен за купувачите.

Opel-GT-Concept

Сé додека формата на автомобилот не претрпи темелно промени, конструирањето на оваа зона останува проблематично. Единствено концептните автомобили се поштедени од проблемот. Како пример за дизајнерски совршено изведени столбови може да се земе студијата Opel GT Concept. Но, овие столбови сепак не се предвидени да издржат превртување на возилото. Тоа е само концептен автомобил.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Во пожар изгореа 422 автомобили на фестивал во Португалија

Кинескиот пазар на автомобили продолжува да расте