за

Нова генерација на Chevrolet Volt доаѓа во јануари 2015

Електричниот автомобил на Chevrolet ќе доживее премиера на салонот во Детроит во јануари, потврдија денес од американската компанија. Дали повторно ќе има верзија на Opel, засега е неизвесно.

Со повеќе од 65.000 продадени примероци од актуелната генерација, Chevrolet Volt е најпродаван „хибриден“ автомобил со надворешно полнење на батериите на пазарот во САД. Овој успех му дава кредибилитет на моделот да остане во понудата на марката на General Motors. Втората генерација на Chevrolet Volt ќе биде претставена во јануари 2015, на салонот во Детроит. Од компанијата засега не откриваат детали околу погонот на новиот модел, што секако најмногу ги интересира потенцијалните купувачи, но затоа посочуваат на статистичките податоци за актуелниот Volt.

Според нив, сопствениците на иновативниот автомобил минуваат повеќе од 63 проценти од вкупната километража со енергијата во батериите, пред да се вклучи бензинскиот мотор и да се стави во функција на „генератор“ за полнење на батериите. Оттаму произлегува дека сопствениците поминале на струја вкупно 500 милиони милји, односно преку 800 милиони километри, откако моделот дебитираше во 2010 година. Тоа одговара на заштеда од 25 милиони галони бензин (околу 94 милиони литри). Статистиката натаму открива дека возачите на Volt обично минуваат 970 милји (околу 1.560 километри) до следното полнење на резервоарот, што значи дека полнат гориво поретко од еднаш месечно.

Американците посочуваат на еден факт што може да го загрижи конкурентот Toyota. Во минатата година, седум од 10 купувачи на Volt претходно возеле автомобил од друга марка, од кои повеќето Toyota Prius. Прашање е колку точно е тоа „повеќето“. Од европската марка на General Motors, германскиот Opel, засега нема конкретна потврда за идната генерација на Ampera.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen започна со испорака на фејслифтот на Touareg

Осомничениот за кражба на болничките акти на Шумахер пронајден мртов