Такси компанија во австриската престолнина ја воведе електричната лимузина Model S во својот возен парк. Наскоро пристигаат уште дваесетина возила со погон на батерии.
При повикување на такси возило од компанијата Taxi 40100 во Виена можно е за услугата за превоз да се појави електричната лимузина на американскиот специјалист Tesla. Тоа е првото такси возило со погон на струја во австрискиот град. Taxi 40100 гради имиџ на компанија што се однесува совесно кон животната средина и 20 проценти од нејзиниот возен парк од вкупно 1.850 возила веќе го сочинуваат „зелени“ возила, односно модели со хибриден погон или со погон на автогас. На тоа ќе се додадат уште дваесетина автомобили со погон на струја.
Сопственикот Милан Милиќ ги кажува своите искуства: „Досега имавме одлично искуство со нашите 206 возила од моделот Toyota Prius. Сега го преземаме следниот чекор со Tesla Model S.“ Таксито со погон на струја може да ги полни батериите за само половина час на „супершаржерите“ на Tesla што се поставени во Виена и Хагенбрун. Со полни батерии, Model S вози до 400 километри, што е сосема доволно за цела смена.
















