за

Passat е најважниот новитет на Volkswagen во 2014 година

volkswagen passat b8

Новиот Passat ќе доживее светска премиера во почетокот на јули, за потоа да биде една од ѕвездите на салонот во Париз во октомври. Осмата генерација на моделот доаѓа со бројни новитети.

Од моделот од средната класа на Volkswagen се произведени повеќе од 22 милиони примероци откако првата генерација на Passat беше претставена во 1973 година. Со тоа, Passat стана втор најпродаван модел на марката од Волфсбург, пред „бубата“ и веднаш зад Golf. Од актуелната генерација дневно се произведуваат 1.200 модели во матичната фабрика во Емден. Шефот за развој на техника Хајнц Јакоб Нојсер ги откри и првите детали за новиот модел со фабрички код B8.

Нојсер истакнува дека Passat е „едно од клучните возила на патот кон реализацијата на нашата стратегија до 2018 година.“ Покрај Golf и Polo, Passat е третиот носечки столб на Volkswagen. Новиот модел од средната класа исто така се базира врз модуларната платформа на концернот. Таа овозможи просторот за мотор да се скуси за 40 милиметри и кабината да биде подолга за 33 милиметри.

Иако има повеќе простор во кабината, надворешната должина остана непроменета, односно B8 е дури и за 2 милиметри покус од тековниот модел. Во комби изведбата Variant, којашто со продажбата и парира на лимузината на европскиот пазар, багажникот дури порасна за 47 литри. Подолгото меѓуоскино растојание ќе обезбеди поголем комфор при големи брзини, а пониското тежиште, постигнато меѓу другото со минусот од 14 милиметри во висината на каросеријата ќе се погрижи и за поголема динамика и поубедлива спортска нота во возењето.

По примерот на Golf, тежината на B8 е за 85 килограми пониска. Најголемите заштеди се постигнати во моторот (-40 kg) и во самата каросериска структура (-33 kg). Освен новата генерација на системи за асистенција, се најавуваат и напредни можности за поврзување на интернет и користење на онјалн-услуги, како и нови системи на дисплеи, со кои што Volkswagen прави чекор понапред во дигиталниот свет. Меѓу брзиномерот и бројачот на вртежи во таблата со инструменти ќе биде поставен дисплеј со пречник од дури 31 сантиметар.

Со усовршените мотори, Volkswagen постигнува намалување на потрошувачката на моделската гама на Passat за повеќе од 20 проценти, при истовремено подобрени перформанси. Ѕвезда во понудата ќе биде новиот дволитарски турбодизел со битурбо натполнење, со 240 КС и вртежен момент од дури 500 њутнметри. Просечната потрошувачка на овој Super-Passat ќе изнесува само 5,3 литри. На крајот, Хајнц Јакоб Нојсер е убеден дека „новиот Passat ќе биде малечок модел од високата класа“.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Abarth Biposto е официјален автомобил на Гамбол 3000

Електричниот Tesla Model S вози како такси во Виена