за

Детроит 2015: Испечати ми еден автомобил, молам!

Автомобилот изработен со 3D печатење не само што е во возна состојба, туку и се планира пуштање во серија

3D печатарите се револуција во индустријата. Со овие уреди може да се испечати сé, од протеза до пиштол. На салонот во Детроит за првпат е изложен и „испечатен“ автомобил.

3D печатарот е една од атракциите на најважниот салон на автомобили во Америка. Публиката може зад прозорец од пластична фолија да набљудува како уредот ја движи главата за печатење, додека од вентилот излегува врело лепило што е зајакнато со стаклени влакна. Чекор по чекор се создаваат контурите на каросеријата и на подвозјето.

Фирмата што е заслужна за овој спектакл на салонот е Local Motors. Претпријатието од Чендлер во сојузната американска држава Аризона го произведува Strati, спортски двосед со електричен погон, којшто изгледа како необичен спој на мини-бетмобил и Smart.

Производствениот процес трае 44 часови, но Local Motors си постави цел да го скуси процесот на 24 часови. Откако ќе се испечатат каросеријата и подвозјето, се дополнуваат механичките компоненти, како моторот, батериите, каблите и амортизерите. Една од предностите е во подобрата заштита на животната средина, затоа што се троши помалку материјал. Покрај тоа, техниката овозможува автомобилите да се произведуваат на местата кадешто има потреба од нив. На тој начин нема потреба од транспорт на возилата до продажната мрежа.

Посетителите на салонот во Детроит можат детално да ја разгледаат готовата верзија на Strati. Поради пластиката што се користи за техниката на печатење, автомобилот не сјае како што е вообичаено на салоните. Возилото е опремено комплетно со светла и со вертробран, но нема врати.

Другите производители на автомобили исто така имаат испечатено одделни компоненти, но Local Motors тврди дека е прва фирма што успеала на овој начин да ги произведе заедно каросеријата и подвозјето. Фирмата очекува да добие хомологација и да докаже дека нејзиниот автомобил функционира исто како сите други. Планот е до крајот на 2015 година да се примаат првите нарачки. Цената за Strati би изнесувала меѓу 18.000 и 30.000 долари.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Google ќе пушти 150 автономни возила по улиците

Smart пред суд поради реклама во Италија