за

Го познавате овој модел на Alfa Romeo?

Во историјата на Alfa Romeo секогаш ќе се најде по некој модел што изненадува со своето постоење под логото на италијанската марка и предизвикува одушевување кај познавачите на марката. Овој модел малкумина го очекуваат од Alfa Romeo, класичниот теренски автомобил под официјална ознака 1900 M и со прекар Matta.

По завршувањето на втората светска војна останаа голем број примероци од Willys Jeep на територијата на Италија, но министерството за одбрана во земјата и покрај тоа сакаше да располага со сопствено теренско возило. Alfa се пријави на распишаниот тендер. Главниот инженер Џузепе Бусо за таа цел набави Land Rover, сметајќи дека е многу подобар од Jeep и во него вгради 1,9-литарски мотор од Alfa со 65 КС. Спортскиот мотор преземен од Alfa 1900, со две брегасти вратила во глава не беше особено погоден за теренско возило, кадешто е потребен мотор кој ќе испорачува солиден вртежен момент уште од ниски вртежи. По неколку интервенции во дизајнот, теренецот беше подготвен за старт во април 1951.

Армијата не беше задоволна и побара возилото да се доработи. Следеше вградување на предна оска со независно водење на тркалата, нова крута оска назад, барабан сопирачки за сите тркала и комплетно нов дизајн. Теренецот конечно доби преодна оцена во октомври истата година, но тендерот му припадна на друг производител, на Fiat со неговата Campagnola.

Возилото го доби прекарот Matta или „лудо“, откако шефот Антонио Алесио го виде на дело како се пробива по теренот. Две верзии се изработуваа од 1900 M: Воена изведба со ознака AR51 и цивилна изведба AR52.

Меѓу 1952 и 1954 година се произведоа 2.161 примероци од Matta, од кои 2.007 примероци од воената и 154 примероди од цивилната изведба. Теренецот дури победи на трката Миле Миља во 1952 година, во категоријата за воени возила, со повеќе од половина час предност во однос на Campagnola.

Од 1954 година, италијанската армија се ориентираше исклучиво на моделот на Fiat, поради поедноставната техничка конструкција.

[FAG id=25480]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Jaguar се враќа во трка со електрична формула

Mercedes го испорача четиримилионитиот теренски модел