
Безбедносен експерт откри дупка во системот за пристап на интернет на BMW, којшто овозможува секој да го отклучи возилото со мобилен телефон. Погодени се два милиони автомобили.
Возилата на BMW што се опремени со системот за пристап на интернет ConnectedDrive се отклучуваат преку мобилната мрежа за само неколку минути. Проблемот го предизвика безбедносната дупка во таканаречениот „далечински сервис“. Преку оваа услуга, сопственикот може да ја отклучи возачката врата на своето возило преку мобилна апликација. Но, поради безбедносната дупка, секој можел да го направи истото.

Безбедносната дупка ја откри експерт најмен од познатиот клуб АДАК. Клубот дополнително го ангажираше експертот да ги провери податоците што ConnectedDrive ги пренесува до производителот при потреба од сервисирање на возилото или во случај на дефект. Намерата на АДАК беше да се провери дали пораките ги добиваат и независните сервисни работилници, односно целта беше да се заштитат правата на потрошувачите. Безбедносната дупка беше откриена сосема случајно.
Проблемот го имаат 2,2 милиони возила продадени во целиот свет. Станува збор за модели од марките BMW, Mini и Rolls-Royce, коишто се произведени меѓу февруари 2010 и 10-ти декември 2014. Безбедносната дупка сепак овозможувала и многу повеќе отколку само отклучување на возачката врата.

BMW доби известување за безбедносниот пропуст и ја промени конфигурацијата при којашто се активира отклучување на возилото. Промената се внесува преку мобилната мрежа. Сопствениците сепак не можат самостојно да утврдат дали нивното возило ги има добиено промените, поради што BMW отвори „жешка линија“ за консултација. Производителот препорачува проверката да ја направат особено сопствениците чиишто возила во последните месеци се наоѓале во подземна гаража или на други локации без прием, како и во случај акумулаторот да бил привремено откачен. Обновувањето на конфигурацијата може да се изврши преку фунцијата за „актуелизирање на услугите“ во менито на возилото.















