Американската фирма SolidEnergy Sistems претстави литиум-јонска батерија со метална анода со дебелина од само десет микрометри и капацитет од преку 1200 Wh/I.
Американската старт-ап фирма SolidEnergy Systems најавува удвојување на времето на работа на паметните телефони со литиум-полимет батерија. Тимот на Др. Кишао Ху, експерт од култниот MIT, чијашто подружница е SolidEnergy, разви нова анода од слој од бакар и литиум со дебелина од само 10 микрометри, во комбинација со SPIL електролит (Solid Polymer Ionic Liquid). На тој начин, батеријата може да достигне енергетска густина од 1.200 Wh/I. За споредба, обичните литиум-јонски батерии со графитни аноди од 160 микрометри акумулираат само 600 Wh/I, а помодерните со силициумски аноди (90 микрометри) до 800 Wh/I.

Идејата да се користат тенки аноди од метал не е нова. Но, овие батерии досега работеа само при високи температури. Ќелијата на SolidEnergy работи на собна температура. За повисоката енергетска густина придонесува и новиот електролит, којшто воедно ја намалува и опасноста од пожар што е вообичаена кај литиум-јонските батерии. SolidEnergy комбинира анода и електролит со обична катода од литиум и кобалт диоксид, со што целата ќелија има дебелина од 145 микрометри, односно двапати помалку отколку со графитна анода (305 микрометри). Иновацијата овозможува конструирање на особено тенки мобилни уреди или удвојување на времето на работа на батериите на паметните телефони со нормална големина. Се планира технологијата да се применува и во електричните автомобили.
Најголема предност сепак е тоа што новите батерии може да се произведуваат во постојните фабрики. Во таа насока SolidEnergy соработува со новооснованиот производител на батерии А123 Venture Technologies. Меѓу партнерите за производство уште недостигаат етаблираните производители на батерии. Според Ху, два производитела имаат пројавено интерес да ги вградуваат неговите батерии во паметниот телефон со модуларна конструкција Google Ara.
Досега постоеја обиди за масовно производство на тенки метални аноди, но пропаднаа поради проблемите да се обезбеди постојаност во квалитетот на производство. Доколку SolidEnergy сепак успее да го реши овојо проблем, добивката од пробивот на новата технологија би достигнала неколку милијарди долари.
















