за

Автопроизводителите во освојувачки поход на пазарот во Иран

По склучувањето на нуклеарниот договор со западните сили, пазарот на автомобили во Иран повторно се отвора за големите производители. PSA Peugeot Citroen сака да го врати лидерството, кое што го посакуваат и Renault и Volkswagen.

Техеран се спогоди да ја прекине својата нуклеарна програма во возврат за укинувањето на санкциите. Тоа е вест што производителите на автомобили ја исчекуваа со нетрпение. Само неколку часови по објавувањето на завршната спогодба, францускиот PSA Peugeot Citroen ги најави плановите за изградба на нова фабрика за автомобили во Иран, со цел да го врати лидерството на пазарот, откако пред четири години беа воведени строги санкции. Развојот на ситуацијата го следат и во концернот Volkswagen, но тие засега не излегуваат со конкретни планови. Пазарните аналитичари ценат дека сите поголеми производители на автомобили во моментов кројат стратегии за освојување на иранскиот пазар, вклучувајќи го и Renault, кој со евтината, но добра марка Dacia, го има можеби најдобриот производ за локалниот пазар.

Борба за пазар од преку 1,5 милион возила годишно

Иран е последниот голем пазар во раст и мора да се искористи оваа последна шанса. Пред да започнат санкциите во 2011 година, продажбата на возила во Иран достигна 1,6 милион возила. Во следните две години, продукцијата во иранските фабрики за автомобили опадна за еден милион возила, што уништи преку 100.000 работни места. За следната година се очекува продажбата да се врати на 1,6 милион возила, а повеќето експерти ценат дека таа ќе продолжи да расте до два милиона возила.

Во Иран уште е актуелно производството на античкиот Peugeot 405.
Во Иран уште е актуелно производството на античкиот Peugeot 405

Враќањето на европските производители ќе биде отежнато покрај кинеските ривали Chery и Lifan, чиишто евтини автомобили освоија значаен дел од пазарот во периодот на санкциите. Но, закрепнувањето на економијата по повлекувањето на санкциите ќе предизвика повторен раст на продажбата на автомобили од поквалитетните европски марки. За производителите е важно да се успее на пазарот во Иран, затоа што тој е мост што води кон Средниот Исток.

Volkswagen во соработка со иранскиот партнер Kerman Khodro порано го произведуваше компактниот модел Gol за локалниот пазар, а сега може да се обиде и со поевтините модели на Skoda или Seat, како Rapid или Toledo. Француските марки сепак се во мала предност, поради долгогодишното присуство на пазарот и воспоставените врски во индустријата. PSA Peugeot Citroen е во одлична стартна позиција, иако во 2012 година мораше да го прекине снабдувањето на монтажата на застарените модели на Peugeot, под притисок на тогашниот акционер General Motors. Партнерот Iran Khodro тогаш започна да набавува делови од добавувачите, успевајќи да го поврати пазарниот удел од 30 проценти со античкиот модел Peugeot 405 и малку поновиот Peugeot 206. Во Иран „неовластено“ се произведуваат 350.000 возила на PSA годишно. Оваа бројка сепак не влегува во официјалната статистика на Peugeot.

Renault е вториот голем играч на иранскиот пазар

За да ја искористи оваа шанса, PSA Peugeot Citroen планира да инвестира во комплетно производство на понови модели во Иран, користејќи ја актуелната технологија. Овие возила ќе се продаваат локално, но ќе бидат наменети и за извозните пазари. Голема е веројатноста дека Французите ќе ја реализираат оваа инвестиција во Iran Khodro. Конкурентот Renault имаше пазарен удел од околу шест проценти пред воведувањето на санкциите и сега се подготвува за нов старт со замената за првата генерација на Dacia Logan, којашто уште се продава на иранскиот пазар под моделското име Tondar.

Ниту Германците не мируваат. Триесетчлена делегација од претставници од иранската автоиндустрија, вклучувајќи ги Iran Khodro и Saipa во септември ќе учествуваат на семинар во Франкфурт, каде што ќе се преговара со сите субјекти во германската автоиндустрија, меѓу другото и со Mercedes-Benz.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Opel воведува скратена работа во фабриките во Германија

Land Rover Defender останува во производство – се бара фабрика за новиот