за

Land Rover Defender останува во производство – се бара фабрика за новиот

Продажбата на Defender во првото полугодие во Европа е зголемено за преку 40 проценти. Land Rover може и намерно да го одложува завршетокот на продукцијата додека трае интересот

Jaguar Land Rover ќе продолжи со производство на актуелниот Defender до почетокот на идната година. Производителот уште се двоуми околу изборот на фабриката за новата генерација на моделот.

Производството на Defender веројатно ќе продолжи до крајот на јануари во фабриката на Jaguar Land Rover во Солихал, Англија. Претходно беше планирано продукцијата на теренската легенда Defender да заврши кон крајот на оваа година. Jaguar Land Rover неодамна воведе дополнителна смена на производствените ленти за да го задоволи огромниот интерес за теренецот што ги зачува главните црти во изгледот и основата на техниката кои датираат од 1948 година. Лани Jaguar Land Rover произведе 17.781 примерок од Defender, а во првата половина од годинава е забележан пораст во продажбата од близу 30 проценти, со вкупно испорачани 11.511 примероци.

Нова фабрика со капацитет за 350.000 возила ќе се гради во Полска или Словачка

Идната генерација на Defender ќе ги користи дизајнерските обележја на концептот DC100
Идната генерација на Defender ќе ги користи дизајнерските обележја на концептот DC100

Британците моментно преговараат околу локацијата за нова фабрика надвор од земјата, во насока на удвојување на продукцијата на 800.000 возила до 2020 година. Во почетокот на јули, JLR потпиша договор со австрискиот Magna Steyr за производство на модели на Британците во фабриката во близина на Грац. За кои модели станува збор, постојат само шпекулации. Покрај тоа, JLR преговара со полските и словачките власти за изградба на фабрика со капацитет од 350.000 возила до 2019 година. Синдикатите во Англија негодуваат за намерата на домашната марка да го пресели производството на Defender во странство, поради пониски производствени трошоци.

Новата генерација на Defender ќе добие нови погонски единици и современа конструкција заради исполнување на строгите норми за заштита на животната средина. Премиерата се очекува во 2018 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Автопроизводителите во освојувачки поход на пазарот во Иран

Теренецот на база на Toyota Hilux останува само за Азија