Швеѓаните се активни како никогаш досега. Стартуваше новиот XC90, го имаат најсилниот четирицилиндарец во светот, а сега планираат да вкрстат теренец и лимузина.
За претстојниот салон во Детроит, Volvo подготвува кросовер изведба на база на својата лимузина S60, со додадок Cross Country. Досега беше вообичаено ваквите споеви да се изведуваат од комби верзиите, што моментно е случај и кај Volvo, со комби моделите V60 и V40, односно нивните изведби Cross Country. Швеѓаните, инаку, први го создадоа спојот на комби и теренец, кога во 1997 година го претставија V70 Cross Country. Тогаш никој не веруваше дека необичниот спој ќе функционира, додека денес речиси и не постои поголем производител што не ја практикува формулата.
По неполни две децении од V70 Cross Country, Volvo се поставува пред нов предизвик: Спој на лимузина и теренец. Volvo S60 Cross Country е прва лимузина од премиум сегментот што ги презема цитатите од теренските возила во својот изглед. Исто како неодамна претставениот V60 Cross Country, неговиот лимузински близнак S60 Cross Country е качен 65 милиметри повисоко од стандардната лимузина и го има истиот погон на сите тркала. Новиот модел во понудата на шведската марка ќе биде достапен на европскиот пазар и во поштедлива и поевтина верзија со преден погон.
Врвот на моделската понуда ќе го одбележи T5, со погон на сите тркала и моќност од 254 КС, додека основата ќе биде дизелскиот D4, со 190 КС и погон напред. Обата модела ги користат новите четирицилиндарци од генерацијата Drive-E, со врвна штедливост и пеформанси достојни за традицијата на Volvo. Продажбата на S60 Cross Country ќе стартува во почетокот на летото.
















