за

Студија на Bosch: Популарноста на дизелот во светски рамки

Две третини од автомобилите со дизелски мотор на глобално ниво се продаваат само во Европа. Во иднина дизелот ќе станува популарен и во САД и Кина.

Учеството на дизелот во продажбата на нови возила во САД денес изнесува околу еден процент, но се предвидува дека во блиска иднина ќе дојде до рапиден пораст, како резултат од зголемената понуда на модели со дизелски мотор. Според гигантот Bosch, до 2018 година околу 10 проценти од автомобилите во САД ќе возат на дизел. За тоа ќе придонесе и новата законска рамка, која предвидува оданочување на возилата според потрошувачката на гориво.

Повеќе европски марки веќе нудат модерна дизелска техника во нивните модели за преку океанот. Од оваа година и американските марки се присутни со дизелски модели на пазарот – Chevrolet Cruze на пример. Bosch предвидува дека до 2017 година на тамошниот пазар ќе се нудат околу 60 модели со штедливата техника.

Во Кина моментно се продава еден процент од светската продукција на автомобили со дизелски мотор. Во јули стапи во сила нов закон кој предвидува построги норми за издувни гасови за товарните возила и тоа отвора голем потенцијал на пазарот. Со 37 возила на 1.000 жители, во услови на стабилен раст на економијата, кинескиот пазар има голем потенцијал за раст. За споредба, во ЕУ има 500 возила на 1.000 жители.

Индија е втор најголем пазар за дизелот, по Европа. Моментно овие возила учествуваат со половина во вкупната продажба на индискиот пазар. Степенот на мобилизираност во земјата: 16 возила на 1.000 жители. Како што населението сé повеќе се концентрира во градски средини и паралелно се развива патната инфраструктура, соодветно ќе расте и интересот за купување автомобил.

Во Бразил е забранета продажбата на автомобили со дизелски мотор. Тука доминираат возилата со погон на етанол, односно комбинација од етанол и бензин. Поради високите увозни давачки и даноци, возилата се мошне скапи, па оттаму и степенот на мобилизираност е релативно низок, со 200 возила на 1.000 жители. Кај товарните возила дизелот е повеќе застапен, со 40 проценти кај доставните возила и речиси 100 проценти кај тешките камиони.

Во последните години порасна продажбата на автомобили со дизелски мотори, но нивното учество и натаму е под еден процент. Во 2009 година, класата E на Mercedes беше единствен модел со дизел. Денес се нудат повеќе од десетина модели. Десет проценти од лесните доставни возила возат на дизел, додека кај камионите дизелот е стандард.

Европа отсекогаш била ориентирана кон дизелот и тука се мали бројките на раст на продажбата. Во минатата година, секое второ возило со дизелски мотор на глобално ниво е продадено во Европа. Ако се гледаат само патничките автомобили, дури две третини од светската продажба на дизели е во Европа. Најголемиот број возила со дизел се продаваат во Германија, Франција, Италија, Шпанија и Велика Британија.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Уникатен Porsche 911 за петте милиони фанови на Фејсбук

Поевтинуваат електричните автомобили во САД