
Магазинот Auto Bild обично е упатен од прва рака во иднината на домашните марки, па така и со Volkswagen, Германците откриваат како во следните пет години ќе се менува целата гама на марката од Волфсбург.
Плановите на концернот Volkswagen да го преземе првото место во глобалната продажба на возила не само што одамна се објавени, туку веќе на големо се реализираат. За овие амбициозни и мошне извесни планови да се реализираат, концернот целосно ќе ја обнови гамата на модели од матичната марка Volkswagen до 2019 година. Моделот што го започнува обновувањето е осмата генерација на Passat, чијашто продажба на европскиот пазар стартува веќе во ноември. За две години ќе следува и знаменосецот Phaeton, со обемна примена на алуминиум во конструкцијата на каросеријата, како сериозен конкурент на класата Ѕ на Mercedes и на серијата 7 на BMW. За 2016 година се очекува и новиот CC, купе лимузината на база на Passat. Со големиот заден капак што по пример на Skoda Superb е изведен незабележливо во лимузинската форма, CC ќе конкурира на Gran Coupe од серијaта 4 на BMW. Дванаесет месеци подоцна доаѓа и верзијата Shoting Brake, под моделската ознака CCS, како комбинација од просторност и функционалност на комби со спортски елегантна линија на купе.

Нов Golf се подготвува во периодот околу преминот од 2017 во 2018 година. Осмата генерација на Golf ќе биде поширока и пониска, со подолго меѓуоскино растојание и со каросерија со врвна аеродинамика. Со преминот во осмата генерација ќе биде претставен и новиот кабриолет на база на Golf. Купето Scirocco, исто така на база на Golf VIII е планирано за 2018 година и во споредба со актуелниот модел ќе биде повеќе ориентиран како спортско купе отколку како комби-купе, со покус покрив и потенки задни столбови.

Секако дека и теренците нема да останат запоставени. Новиот Tiguan ќе се појави кон крајот на следната година, а една година подоцна ќе му се придружи и купе верзијата Tiguan CC. Последниов модел ќе ја користи техниката од актуелниот Golf VII и ќе биде понизок и со подинамичен дизајн од стандардниот Tiguan. Кросоверот Taigun што првично се најавуваше за 2016 година, засега ќе паузира од европскиот пазар. На другиот крај од понудата на теренци е можно претстасвување на Touareg CC на база на новиот Touareg, чија премиера претстои во 2016 година. Една година подоцна ќе се појави и Golf SUV, како полесна и поевтина алтернатива на Tiguan.















