Новиот Ford Focus ќе се произведува во осум фабрики на четири континенти

Во фабриката на Ford во Зарлуис започна производството на освеженото моделско годиште на Ford Focus. Освен во Германија, најпродаваниот модел во светот се произведува во уште седум фабрики.

Освеженото моделско годиште на Ford Focus, моделот што годишно се продава во повеќе примероци од кој било друг автомобил во светот, стартуваше со производство во матичната фабрика на Ford во германскиот Зарлуис и наскоро ќе почне неговата испорака во продажните салони низ Европа. Ford инвестираше околу 200 милиони евра во модернизацијата на оваа фабрика. Зарлуис е само прва од вкупно осумте фабрики на четири континенти во коишто ќе се произведува новиот Focus: Аргентина, Кина, Русија, Тајван, Тајланд, САД и Виетнам. Осумте фабрики заеднички располагаат со производствен капацитет од 1,5 милион примероци од светскиот бестселер, за покривање на потребите на 140 пазари на земјината топка.

Новиот Focus се одликува со повпечатлив и поемотивен дизајн на каросеријата, комплетно освежен ентериер и широка понуда од системи за асистенција за подобрување на безбедноста и комфорот во возењето, заедно со мери за намалување на потрошувачката на гориво. Европска премиера во компактот на Ford ќе доживее системот Sync 2, со интуитивни гласовни команди за пристап до радиото, навигацијата, климата и секако, до мобилниот телефон. Focus е воедно и прв модел на Ford којшто може самостојно да се паркира наназад, паралелно со другите автомобили, додека самостојното запирање при препознавање опасност од судир отсега функционира до брзини од 50 километри на час.

Во понудата од мотори е новитет 1,5-литарскиот бензинец од генерацијата EcoBoost, поголемиот брат на повеќекратно одликуваниот еднолитарски мотор, како и новиот 1,5-литарски дизел, со потрошувачка намалена до 19 проценти во споредба со актуелниот модел. Секако дека под хаубата остана место и за Focus 1.0 Ecoboost, првиот автомобил без хибриден погон што постигна емисија на СО2 пониска од 100 грами на километар.

Откако првата генерација на Focus беше лансирана во 1998 година, Ford продаде преку 12 милиони примероци од својот компакт, од кои 6,9 се продадоа на територијата на Европа.

Претходна објаваToyota произведе 9 милиони возила во Европа
Следна објаваСите новитети на Volkswagen до 2019 година

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here