Автомобилите произведени во Јапонија се продаваат одлично каде и да било низ светот, а имаат и многубројни приврзаници. Но, кои се моделите што се продаваат најдобро на нивниот матичен пазар, на островите?
Како и секоја друга голема нација со сопствено производство на автомобили, Јапонците најмногу им веруваат на домашните марки. Ако некој очекуваше дека меѓу десетте најпродавани модели ќе се најдат и модели од некои други марки освен Toyota, Honda или Nissan, тогаш погрешно очекувал.
Моделите со хибриден погон на Toyota буквално доминираат на пазарот. Не само што познатиот Prius е втор на списокот, туку неговиот помал брат од сегментот B и со моделско име Aqua се наоѓа на врвот на десетте најпродавани модели во првите девет месеци од годинава. Aqua не се продава на европскиот пазар, но неговата техника е идентична со моделот што тука се продава како Yaris Hybrid. Отсуството на хибридниот погон во јапонската верзија на Yaris, којшто на матичниот пазар е познат како Vitz, го става моделот на шестото место.
Веднаш зад двата најпродавани модели на Toyota се ривалите Nissan Note и Honda Fit. Обата неодамна влегоа во нова генерација и нивната продажба се очекува да се зголеми дополнително во следните месеци. Во меѓувреме, Honda има дополнителна причина да се радува на успехот на новата генерација на Fit, кого на на нашиот пазар го познаваме како Jazz. Во октомври, Fit се врати на врвот на најпродавани модели во Јапонија.
Петото место му припаѓа на Nissan Serena. Во 1990-те години овој семеен транспортер беше популарен и во делови од Европа, како избор на големите семејства. Осумседот на Nissan ужива исклучителна популарност на домашниот пазар, за што несомнено придонесува фактот што тој е достапен и во хибридна изведба.
По претходно споменатиот Vitz на шестото место следат уште два модела на Toyota: Crown и Corolla. Првиов веќе со децении наидува на голем број обожуватели на јапонскиот пазар. Големата лимузина од минатата година е достапна во новата моделска генерација, која што со спортската нота привлекува дополнителен круг купувачи. Очигледно дека Corolla нема да има проблем да ја задржи титулата на најпродаван автомобил на сите времиња. Таа е во единаесеттата генерација, вози и како хибрид.
Honda Freed е компактен ван базиран врз Fit. Неговиот концепт е формула за успех на јапонскиот пазар, каде што просторните, но компактни автомобили се продаваат како алва. Истото важи и за последниот модел меѓу десетте најпродавани, за Honda Stepwgn. Тој е технички близнак со Stream и Odyssey, но поради коцкестата форма на каросеријата нуди уште повеќе простор од нив.
Најпродавани модели во Јапонија од јануари до септември 2013
- Toyota Aqua 208 678
- Toyota Prius 195,367
- Nissan Note 118 621
- Honda Fit 109,325
- Nissan Serena 75 721
- Toyota Vitz 67 370
- Toyota Crown 66 690
- Toyota Corolla 65,224
- Honda Freed 54,405
- Honda Stepwgn 51 992