Шведската марка со кинески капитал продолжува да го освојува пазарот. За последниот месец, Volvo пријави продажба зголемена за над 10 проценти. Класичарот XC60 и натаму е најпродаван модел.
Volvo го задржува растот во продажбата и во април продаде за 11,3 проценти повеќе возила отколку во истиот месец лани, со 42.434 примероци. Главен мотор во продажбата е престижниот теренец XC90, но првото место меѓу моделите и натаму го држи „класичарот“ XC60, кој е на пазарот уште од 2008 година. За првите четири месеци од годинава, растот изнесува 11,8 проценти на глобално ниво.
Во САД во април се продадоа за 33,1 проценти повеќе возила отколку во истиот месец лани, со 6.169 примероци. Најпродаван модел од другата страна на океанот е Volvo XC90. Европската продажба за Volvo порасна за 12,3 проценти, со најмногу возила продадени на домашниот пазар (6.635 возила, +10,3%), пред Германија, Франција, Велика Британија и Холандија. Втор најголем пазар за марката во април е Кина, со 6.280 продадени примероци. Најпопуларни модели кај Кинезите се локално произведуваните XC60 и S60L.
















