Пекарница испорачува печива со електрични комбиња

Од март годинава, возниот парк на пекарницата во Диселдорф го сочинуваат три комбиња со погон на струја Nissan e-NV200. Купувачите исто така можат бесплатно да ги користат брзите полначи, во меѓувреме уживајќи во печивата

Локална германска пекарница испорачува дневно 10.000 печива во своите 18 дуќани со електрични возила Nissan е-NV200, коишто се снабдуваат со струја од соларни панели.

Во 2010 година, локалниот германски пекар Роланд Ширен ја модифицираше својата пекарница намалувајќи ја емисијата на СО2 за 91 проценти и преполовувајќи ја потрошувачката на струја. Три години подоцна, тој повторно ја реновираше пекарницата, добивајќи статус на енергетски напреден објект со вградувањето на соларни панели на покривот, од коишто енергетските потреби се покриваат целосно со струја добиена од сончевата енергија.

[quote_box_right]Пекарницата на Роланд Ширен во Диселдорф испорачува печива во градот со три електрични комбиња Nissan E-NV200, коишто потоа се враќаат назад за полчасовно полнење на батериите на брзиот полнач од Nissan, па продолжуваат со испорака во регионот на Вупертал. Доставите се вршат трипати дневно, без ниту грам штетна емисија.[/quote_box_right]

Со дневна испорака на преку 10.000 печива, Ширен реши и возниот парк да го префрли целосно на електрична енергија. Германецот набави три комби возила Nissan e-NV200, со досег од 170 километри со едно полнење на батериите, со нулта емисија на штетни гасови и речиси без бучава во возењето. „Произведуваме повеќе струја отколку што трошиме во пекарницата. Вишокот струја сега можеме да го користиме за напојување на нашите полначи за електрични возила. Автомобилите предизвикаа еуфорија кај нашите клиенти. Минувачите доаѓаат да ги видат возилата и полначите одблизу“, раскажува Ширен.

Неговата цел е пекарницата да работи без каква било емисија на СО2. Следен чекор е неискористената електрична енергија од сончевите колектори да се користи за полнење на батериите и истата да се користи подоцна за снабдување на печките, кога пекарницата работи под полна пареа. На тој начин, Nissan e-NV200 ќе функционира и како „батерија“ за периодично снабдување на пекарницата со струја, и како возило за достава, без емисија на штетни материи.

Претходна објаваГерманија отвори станица за водород на „Аутобанот“
Следна објаваDacia Sandero ќе добие спортска верзија RS

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here