за ,

Патиштата во иднина ќе имаат соларни ќелии, сензори и грејачи

Електричниот погон веќе ја промени автомобилската индустрија. Во иднина не само што ќе се вози на струја, туку и ќе се вози по нова генерација патишта, коишто ќе произведуваат струја, ќе ги водат автономните возила со помош на вградените сензори и ќе поседуваат грејачи што ќе го топат мразот или снегот. Голем број проекти веќе се во тестирање, а некои се и во примена.

Бранот на промени што го предизвикаа електричните автомобили се чини дека ќе ги зафати и патиштата. Во иднина ќе се вози по патишта што произведуваат електрична енергија и поседуваат техника што возењето го прави побезбедно.

Идејата патиштата да се покријат со фотоволтаички колектори е генијална, особено кога ќе се земе превид големата површина на патиштата. Практичните тестирања треба да докажат дали оваа идеја може да се оствари во поголеми размери, затоа што хоризонталната положба на колекторите не е идеална за искористување на енергијата од сонцето, а покрај тоа и постојаното валкање од возилата може да ја намали ефикасноста на фотоволтаичките колектори.

Соларните патишта ќе бидат дополнителен извор на електрична енергија

Крајната цел е оваа енергија да се пренасочи во електро-дистрибутивната мрежа. Нејзиното користење за директно напојување на електричните автомобили сé уште е далечна визија. Но, сосема е извесно дека и тоа ќе се случи во далечната иднина, батериите на електричните автомобили да се полнат директно од патот по којшто возат.

Изградбата е едноставна и брза, иако модулите не се особено евтини

Во Кромени во близина на Амстердам веќе се користи првиот соларен пат во светот. Станува збор за велосипедска патека во должина од 100 метри, којашто произведува доволно енергија за три домаќинства. Патеката е изработена од бетонски плочи со големина од 3 х 2,5 метри, во коишто е поставен фотоволтаички колектор, а озгора се наоѓа повеќеслојно стакло со дебелина од еден сантиметар. Според тоа, изградбата на вакви патишта би била можне едноставна и брза.

Соларен автопат во должина од 1.000 километри се гради во Франција

Франција има многу поголеми планови. Во Нормандија штотуку започна изградбата на првиот од 1.000 планирани километри автопат покриен со соларни модули за производство на струја. Овие модули се поставуваат едноставно врз постоечкиот асфалт.

Површината создава триење слично како асфалтот

Голема флексибилност се постигнува со таканаречени соларни плочки. Тие имаат големина од неколку сантиметри, се поврзуваат меѓусебно да се добие голема површина и се поставуваат врз патот исто како вештачката трева. Еден квадратен метар произведува до сто вати струја. Следната година во Кина ќе се гради пробна делница составена од вакви плочки, а можно е во неа да биде вградена и техника за батериите на електричните автомобили да се полнат при возењето преку индукција. За лентите да бидат обележани ноќе, ќе се користат светлечки диоди.

Цело паркиралиште во Ајдахо, САД е покриено со соларни плочки

На паркиралиште во Ајдахо, САД, изведена е површина со соларни плочки заради тестирање на техниката. Целата површина располага со грејачи, а има вградено и повеќебојни светлечки диоди, за хоризонтална сигнализација и за прикажување реклами. Во самите соларни модули се изведени канали, низ коишто можат да се спроведат, на пример, кабли за струја.

Сите овие различни техники постигнуваат трајност меѓу десет и дваесет години, а следна заедничка карактеристика е тоа што модулите се покриени со стакло. Површината на стаклото е рапава, заради обезбедување на неопходното триење. Некои производители на соларни модули вградуваат и наночестички во површинскиот слој, коишто постигнуваат ефект на самочистење, за ефикасноста на модулите да не се попречува од нечистотиите.

Три до шестпати повисока цена во споредба со домашните колектори

Производителите не ја објавуваат цената на оваа иновативна техника. Единствено е позната цената за францускиот проект: Површина што е потребна да се произведе еден ват чини шест евра. Тоа е најмалку три до шестпати повеќе во споредба со фотоволтаичките колектори коишто се поставуваат на покрив на куќа. Конструкцијата на модулите за патишта сепак е неспоредливо посложена.

Греењето на патиштата веќе одамна се применува во Исланд

Следната идеја што ја засега изградбата на патишта во иднина е греењето на асфалтот. Во германскиот град Келн е планирано да стартува пилот-проект со загреван асфалт во 2018 година. Делница во должина од 50 метри зиме ќе се загрева со помош на топлината од длабочината на почвата, а лете ќе се лади. Тоа ќе овозможи температурното подрачје на површината на патот да се одржува во граници меѓу два и 35 степени Целзиусов.

Со греењето се продолжува векот на траење на асфалтот

Избегнувањето на температурните екстреми обезбедува подолга трајност на патот. Главната цел сепак е да се оневозможи таложење снег или создавање мраз врз патот, што е голема безбедносна придобивка. Слична техника веќе со години се користи во Исланд, кадешто техничарите постигнуваат вистински чуда со топлината од почвата.

Диодните ленти го прават возењето побезбедно

Се размислува и за поставување радарски сензори на мостовите и на столбовите покрај патиштата, коишто ќе собираат податоци за сообраќајниот интензитет, брзината и почитувањето на сообраќајните правила.

Скапата техника не е неопходна за асфалтот да добие дополнителна функција. Со симболи премачкани со боја што е чувствителна на топлина може да се предупредуваат возачите за опасност од појава на голомразица. Постојат и специјални бои коишто ја впиваат сончевата светлина дење, за во текот на ноќта да можат да светат.

[FAG id=26447]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BAC Mono е најдобар автомобил за „себични недели“ според Top Gear

porsche mission e

Porsche планира 20.000 примероци годишно од електричниот Mission E