Спортската марка од Цуфенхаузен очекува голем интерес за својот прв електричен автомобил. Според шефот Оливер Блуме, наскоро и останатите модели на Porsche ќе добијат погон на струја, односно плагин-хибриден погон.
Porsche очекува голема побарувачка за својот прв модел што вози само на струја. Оливер Блуме, прв човек на спортската марка, цени дека пазарот за Mission E ќе достигне 20.000 примероци годишно. Тоа е близу две третини од продажбата на матичниот модел Porsche 911. За споредба, спортската марка лани испорача над 30.000 примероци од 911. Продажбата на Mission E ќе стартува во 2019 година. Спортската лимузина ќе располага со досег од преку 500 километри и ќе се произведува во седиштето на Porsche во Цуфенхаузен, во близина на Штутгарт.

Во наредната деценија ќе следат и други модели на Porsche со електричен погон. Тестирањата на 718 Boxster се во напредната фаза, но уште не е донесена конечна одлука. Прашањето е во кои модели ќе биде најдобро да се стартува со плагин-хибриден погон, а во кои модели е подобро да се остане на конвенционалниот погон.
Според Блуме, трите видови на погон ќе опстојуваат паралелно уште извесно време. Производителот сепак ќе биде подготвен на сите движења на пазарот и на тој начин ќе биде во состојба да реагира брзо на побарувачката на пазарот.
















