за

Оливие Чалухи: Три години со електричниот Nissan Leaf

Човекот што прв купи Nissan Leaf ги открива искуствата по три години во секојдневно возење на автомобилот со погон на струја. Тој досега има поминато 50.000 km на батерии.

Оливие Чалухи е првиот сопственик на електричниот Nissan Leaf во светот. Тој живее во Северна Калифорнија и го нарача возилото преку интернет неколку минути по полноќ на 31-ви август 2010 година, откако Nissan почна да прима нарачки за револуционерниот автомобил. Возилото беше испорачано неколку месеци подоцна од дилерот Northbay Nissan во калифорнискиот град Петалума.

Чалухи првично се решил за Leaf поради заштита на животната средина, но по три години секојдневно возење тој сега наоѓа нови мотивации за да вози на струја. „Начинот на кој што вози, тишината и комфорот што се добиваат од електричниот автомобил би биле главниот аргумент за купување денес. Секако, тука е и заштитата на животната средина“, открива Чалухи.

Типичниот автомобилски ден се состои од патување и враќање од работа, оставање на децата во училиште и во основните набавки. Чалухи дневно поминува помалку од 50 милји, односно 80 километри. Во овие три години тој има поминато речиси 50.000 километри на струја.

За подолги патувања, семејството Чалухи исто така го користи електричниот автомобил, со таа разлика што претходно мора да се испланира секој чекор од патувањето, заради попатно полнење на батериите. „Запираш на 10, 15 или 20 минути и добиваш 40 до 70 проценти наполнетост на батериите“, кажува Чалухи.

Понатаму тој открива дека пред три години било многу потешко да се најдат полначи, но во меѓувреме е променета ситуацијата, со раширувањето на мрежата од полначи за струја. Чалухи повеќе не е самотник во неговиот избор да вози Leaf. Неколку негови пријатели и колеги ги замениле нивните автомобили со електрични откако го пробале возилото на Чалухи.

Според Чалухи, „добриот глас“ е тоа што најмногу придонесува за растечката продажба на Leaf. Јапонците досега продадоа преку 35.000 примероци од Leaf во САД, додека на светско ниво продажбата достигна 78.000 возила.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

50 години на Mazda Luce: Светло во средната класа

Opel Insignia Country Tourer: Теренец не е потребен