за

Нула ѕвезди за краш тестот на Tata Nano

Конзорциумот Global NCAP ги тестираше петте најпопуларни автомобили на Индијците. Краш тестот покажа дека безбедноста е изоставена во нивните евтини автомобили.

Првиот независен краш тест на автомобилите што се продаваат на индискиот пазар откри големи недостатоци во безбедноста на возилата. На тестот се најдоа пет модели од марките Tata, Hyundai, Ford, Volkswagen и Suzuki. Сите модели беа тестирани во основното ниво на опременост, а тоа за индискиот пазар значи дека во возилото нема вградено ниту една воздушна перница. Тоа беше само една од причините што ниту едно од возилата не доби барем една ѕвездичка. За споредба на резултатите беше извршен краш тест на Volkswagen Polo во верија со воздушна перница. Во овој случај, Polo доби четири од можните пет ѕвезди.

Tata Nano е најевтиниот автомобил на светот: Цената е поважна од безбедноста?

Кај Suzuki-Maruti 800, Hyundai i10 и Tata Nano се покажа дека патничката кабина е недоволно цврста да ги заштити патниците при судир. Кога кабината силно се деформира постои опасност главата на патниците да удри во арматурната табла или во свитканата рамка на вратата и да доведе до смрт. Според Global NCAP, безбедноста во овие три модели нема да се подобри значително ниту ако во нив се вградат четири воздушни перници. Сите тестирани модели за индискиот пазар, со исклучок на Volkswagen Polo во случај на опременост со две воздушни перници, не го минаа ниту основниот тест за безбедност на Обединетите Нации.

Светската автомобилска асоцијација FIA пред неколку месеци реагираше за производителите што продаваат автомобили со недоволни безбедносни стандарди на пазарите каде што свеста за безбедноста е на ниско ниво, обвинувајќи ги дека на тој начин го зголемуваат профитот на овие пазари.

Резултати од тестот на Global NCAP во Индија

Марка и модел

Воздушни перници

Оцена за заштита на патници

Оцена за заштита на деца

Volkswagen Polo

2

4

3

Volkswagen Polo

0

0

3

Maruti Suzuki Alto 800

0

0

2

Ford Figo

0

0

2

Hyundai i10

0

0

1

Tata Nano

0

0

0

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Nissan го постави 1000-от полнач за струја во Европа

Премиера на новата класа V: Mercedes меѓу комбињата