за

Премиера на новата класа V: Mercedes меѓу комбињата

Семејствата со потреба од многу простор, возачите што не ги држи место и хотелските превозници добија нов автомобил. Синоќа беше претставена новата класа V на Mercedes.

Во Олимпискиот комплекс во Минхен синоќа доживеа премиера новата класа V на Mercedes, најголемиот модел со сребрена ѕвезда во патничката понуда на марката. Швабите ветуваат дека поставиле нови репери во класата во поглед на дизајнот, квалитетот, комфорот, приспособливоста, штедливоста и безбедноста. Продажбата во Европа стартува напролет.

„Со новата класа V ја зголемуваме понудата на премиум патнички возила на Mercedes со лимузина со место за осум патници“ – се гордее шефот Дитер Цече

Како што е вообичаено за Mercedes, новиот модел носи бројни новитети. Луксузното комбе е сериски опремено со систем за асистенција при страничен ветер и со систем за предупредување на возачот при опасност на патот. Со доплата се добиваат камера со преглед од 360 степени, самостојно паркирање и седумстепен автоматик 7G-Tronic Plus. За ракување со телематските функции се користи поле на допир, слично како кај лаптоп.

Просторноста во кабината се подразбира, исто како и разновидноста на понудата на модели. По избор на купувачот, на задните два реда се добиваат единечни седишта, двојна или тројна клупа. Товарањето на багажникот е олеснето со можноста за отворање на задното стакло.

На стартот од продажбата ќе биде достапен 2,1-литарскиот турбодизел во три степени на силина: 136, 163 и 190 КС. Овој мотор со интерна ознака OM 651 се нуди во речиси целата моделска понуда, од класата А до класата Ѕ. Инженерите го оптимираа моторот за карактерот на луксузното комбе, со цел да се постигне рамномерно ослободување на силината како кај шестцилиндарец, а потрошувачката да остане како кај четирицилинарец. За споредба, врвниот модел V 250 BlueTEC има моќност како стариот трилитарски V6, но троши 28 проценти помалку гориво.

Три муви со еден удар: Целните групи на класата V

Стратезите на марката целат на нова група купувачи за големото комбе. Тоа се купувачи што имаат потреба од многу простор, но никогаш не возеле комбе, затоа што не им одговарал стилот, чувството во кабината и комфорот во возење. Во основа, класата V цели кон три групи. Првата се семејства со две или повеќе деца, што негуваат активен живот и умеат да најдат баланс меѓу работата и слободното време. Втората група се авантуристи со потреба од простор за својата спортска опрема, како и од независност при организирањето на авантуристичките излети. Третата група се професионални корисници, односно луксузни и хотелски превозници, коишто сакаат да остават добар впечаток на своите патници и да им понудат комфорно патување.

Ценовникот за новата класа V во Германија стартува од 42.900 евра, а границите угоре се отворени, впрочем како кај секој модел на Mercedes. Со цел да се пресретнат сите групи на купувачи, моделот ќе се нуди паралелно и кај дилерите за патничките модели и кај дилерите за товарните модели на марката.

190 милиони евра за фабриката во Шпанија

За подготовка на производството на новата класа V, Mercedes инвестираше 190 милиони евра во модернизација на погоните во Виторија, Шпанија. Фабриката моментно вработува 3.100 лица и годишно изработува 75.000 примероци од средната понуда на комбиња на Mercedes. Виторија е втора најголема фабрика за ванови на марката надвор од Германија.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Нула ѕвезди за краш тестот на Tata Nano

Рекордна година за Mercedes-AMG