за

Новиот Land Rover Discovery се управува и од небо

Британските специјалисти за теренци ја подготвуваат премиерата на новиот Discovery и ги ангажираа мајсторите за спектакли да изведат уште една вратоломија, предводена лично од светскиот авантурист Бер Грилс. Технологиите за терен веќе одамна се совладани во Land Rover.

Во Land Rover веројатно се убедени дека ги имаат совладано сите терени на земјинава топка, штом при премиерното појавување на новиот Discovery се решија да зборуваат за напредната технологија за соборување на задната клупа со помош на мобилна апликација од каде било. За претставување на способностите на технологијата, Британците го ангажираа и светскиот авантурист Бер Грилс, кој при спуштање со падобран ги размести седиштата во новиот Land Rover Discovery со помош на апликацијата во неговиот телефон.

По приземјувањето, Бер и шестте падобранци од војската на кралицата можеа за миг да се сместат во Discovery. Првата интелигентна технологија за соборување на седиштата, како што Британците го нарекуваат системот, овозможува двата задни реда седишта да се соборат или исправат за само 14 секунди.

„Не сум сигурен колкумина ќе ја користат технологијата на овој начин, но не се сомневам дека далечинското ракување ќе биде вистински адут за зафатените семејства што сакаат да бидат подготвени“

Бер Грилс

Сервомотори во багажникот и во задните столбови овозможуваат поместување или преклопување на седиштата додека се стои покрај возилото. Вториот и третиот ред седишта може дополнително да се подигнуваат и спуштаат преку дисплејот во кокпитот. Land Rover со оваа технологија ги покажува можностите за контрола на функциите на Discovery од било каде во светот. Преку апликацијата InControl Remote за iOs и Android може да се надгледува и дали прозорците се затворени, колку гориво има во резервоарот, па дури и да се вклучува климатизацијата или да се лоцира паркираното возило.

Премиерата на Land Rover Discovery ќе се одржи на 28-ми септември на салонот во Париз.

[FAG id=25420]

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Луксузен крстосувач од Полска: Varsovia Concept

Peugeot 5008: Бројката останува, концептот се менува