за

Peugeot 5008: Бројката останува, концептот се менува

По примерот на трансформацијата на 3008 од ван во спортски теренец, сега следи и големиот 5008. Peugeot ветува најголема просторна понуда во класата, седум седишта и багажник од 1.060 литри. Најголемата надеж на Французите сепак е дигиталниот i-Cockpit.

Името останува, концептот е нов. Новиот Peugeot 5008 ќе го освојува светот на големите спортски теренци во сегментот C со седум седишта. Французите имаат три цели со големиот теренец: Марката Peugeot да се позиционира поблиску до премиум сегментот, глобално присуство и пазарно лидерство во сегментот на големите теренци со седум седишта.

Голем дел од надежите на Peugeot се потпираат врз последната еволуција на i-Cockpit, верно на концептот што веќе беше прикажан во јавноста под истото име. Освен компактен волан по пример на останатите нови модели во понудата, еволуцијата на i-Cockpit донесува голем средишен дисплеј на допир со дијагонала од 8 инчи и целосно дигитална инструмент табла од 12,3 инчи, вклучувајќи анимации за поимпресивно доживување на технологијата во ванот.

peugeot 5008 suv 00011

Со меѓуоскино растојание од 2,84 метри, новиот Peugeot 5008 е најпросторен спортски теренец во сегментот C. Со должина од 4,64 метри, каросеријата сепак ги задржува компактните пропорции. Во споредба со претходникот, новиот 5008 е подолг за 11 сантиметри, додека во споредба со исто така новиот 3008, разликата во должината е 19 сантиметри. Висината останува непроменета а 1,64 метар, вклучувајќи ги шините за багаж.

Сите седишта од задните редови се впуштаат во подот за поголема практичност

Варијабилноста е силна страна на големиот теренец. Трите седишта во средниот ред се впуштаат во подот и се местат по должина и агол. Седиштата во третиот ред исто така може да се „сокријат“ во подот, а по потреба и да се отстранат од возилото. Со пет патници, назад останува багажник со зафатнина од 1.060 литри, што е најмногу во оваа категорија. Дополнително, совозачкото седиште се соборува, за пренос на предмети долги до 3,2 метри, додека задниот капак располага со сензори за отворање при замавнување со стопалото под браникот.

peugeot 5008 suv 00014

За традиционалниот француски комфор во возењето се грижат темелна звучна изолација, масажна функција во предните седишта со пневматско активирање и 8 точки на контрола, врвно озвучување од Focal, голем сончев покрив, конективност со Mirror Screen и уште многу други функции што ќе се откријат при премиерата.

Во зависност од пазарот, Peugeot 5008 доаѓа стандардно опремен со контрола на тракција, вклучувајќи и помош при спуштање по надолнина, како и самостојно сопирање при опасност од судир, додека од опциите во понудата од системи за асистенција може да се бира меѓу активен систем за следење лента, препознавање замор, автоматика за долго светло, читање сообраќајни знаци, радарски темпомат со можност за целосно запирање на возилото – во комбинација со автоматски менувач и приказ на возилото од птичја перспектива при паркирање.

Електричен велосипед во багажникот – кога за автомобилот станува прегусто

Во багажникот е предвидено посебно место за e-Bike eF01, преклоплив велосипед на Peugeot со електрична поддршка и отстранлив полнач, за продолжување на патот таму каде што почнува метежот и нема смисла да се продолжува со автомобил – логично продолжение на претходно претставениот електро-тротинет. Французите ќе нудат пет нивоа на опрема за теренецот: Access, Active, Allure, GT Line и GT. Новиот 5008 ќе се произведува во фабриката во Рене, премиерата е на салонот во Париз, испораката започнува во следната пролет.

[FAG id=25434]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот Land Rover Discovery се управува и од небо

Audi A5 Sportback пристига со премиера на салонот во Париз