Луксузен крстосувач од Полска: Varsovia Concept

Формулата што полската компанија Varsovia ја користи за својот концепт на луксузен автомобил е премногу добра да се одбие: Погон на струја, досег до 850 километри, врвен луксуз и изглед што се издвојува од масата. Најпријатното изненадување е тоа што Varsovia ветува сериско производство на овој автомобил во видно време.

Компанија од полската престолнина Варшава има план да понуди исклучителен луксузен крстосувач наменет само за најбогатите купувачи. Автомобилот што ќе произлезе од засега виртуелниот Varsovia Concept може да се очекува на патиштата веќе во 2018 година.

Лимузината несомнено ќе го привлекува вниманието со својот дизајн. Елегантната каросерија со класични пропорции става акцент на тенките светла и на „поплочениот“ нос. Вистинскиот луксузен потенцијал следува во кабината. Совозачко седиште не се вградува, затоа што на важниот патник во седиштето одзади треба да му се обезбеди максимум простор да ги испружи нозете.

Музиката и осветлувањето се приспособуваат според расположението

Пристапот до седиштето исто така е решен на оригинален начин, со врата што се отвора угоре. Самото седиште се состои од девет елементи, секој со посебна контрола и со можност за загревање или разладување, масажа, па дури и приспособување на тврдоста на седиштето. Музиката, осветлувањето и останатите параметри се приспособуваат постојано според расположението на патникот.

varsovia concept 00001

Во крстосувачот не недостигаат најсовремени технологии за комуникација и забава, ниту брз сателитски интернет. Сите информации се прикажуваат на два транспарентни дисплеи со дијагонала од по половина метар. Кога не се користат, дисплеите едноставно се собираат во таванот. Двата дисплеја заедно произведуваат панорамски екран со дијагонала од еден метар.

При изработката на кабината се користат исклучиво алуминиум, дрво и кожа. На купувачот на луксузната лимузина ќе му се исполнат и сите желби за индивидуализација на возилото, вклучувајќи и блиндирање.

Батерии до 350 километри, потоа бензинец што работи како генератор

За погонот ќе се грижат два електромотора, коишто ќе овозможат двотонската лимузина да забрза до сто километри на час за пет секунди. Крајната брзина е далеку над 200 km/h. Со полни батерии, Varsovia ќе извози до 350 километри, за потоа да се вклучи конвенционалниот бензинец, којшто тогаш функционира како генератор и произведува струја за уште 500 километри.

Многу информации уште недостигаат или се наведуваат воопштено, како најавата дека полскиот концепт за луксузна лимузина ќе биде претставен на некој од најважните салони на автомобили. Првите возила ќе им бидат испорачани на сопствениците во 2018 година, а годишната продукција се планира на 50 примероци. Цената не се открива, Varsovia Concept има други работи да го привлече вниманието.

[FAG id=25416]

Претходна објаваГерманците ги отсакуваат дизелите
Следна објаваНовиот Land Rover Discovery се управува и од небо

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here