Јапонската марка лани веќе имаше рекордна година. Во 2014 година повторно ќе паѓаат рекорди. Обновувањето на моделската понуда и воведувањето нова технологија го постигнаа своето.
Mazda денес ги објави резултатите за првиот квартал, според кои што оперативната добивка изнесува 403 милиони евра, односно 54,4 проценти повеќе отколку во истиот период лани. за потсетување, 2013 година беше најдобра во 94-годишната историја на фирмата. Успехот во најголем дел се темели на зголемувањето на продажбата на моделите од новите генерации – Mazda CX-5, Mazda6 и особено новата Mazda3. Во првите три месеци од 2014 година, Mazda продаде 319.000 возила, што претставува зголемување од 6 проценти. Најголем пораст бележи европскиот пазар, со 56.000 возила и плус од 24 проценти.
Во САД се продадоа 110.000 возила, а не заостанува ниту Кина со 44.000 возила (+18%). Падот на домашниот пазар на 40.000 продадени возила се темели првенствено на големиот продажен бум пред зголемувањето на јапонскиот ДДВ од 1-ви април.
Пристигањето на новите модели дополнително ќе ја зголеми продажбата. Наесен на јапонскиот пазар стартува новата генерација на Mazda2, којашто од февруари ќе биде достапна и во Европа. Јапонците влеваат големи надежи во новиот дизел мотор од 1,5 литар. Новата стратешка ориентација на Mazda исто така придонесува за позитивниот резултат, како на пример со отворањето на новата фабрика во Мексико и со проширувањето на капацитетите во Малезија и Русија.
















