Сите производители преоѓаат на заеднички стандард кај моторите: Три цилиндри – 1,5 литар, четири цилиндри – 2,0 литри итн. Трицилиндарец во иднина ќе работи и во големите лимузини на Volvo.
Ford се покажа најхрабар и прв го воведе трицилиндарскиот мотор во средната класа, со што го навести новиот тренд во браншата. Како што пишувавме претходно во Мотори во порција од по половина литар, новите генерации на мотори преоѓаат на единствен стандард за работна зафатнина на цилиндрите од 0,5 литар. Деновиве и Volvo потврди дека новата генерација на трицилиндарски мотори ќе се воведува во неговата гама на модели, откако ќе заврши имплементацијата на актуелните четирицилиндарци од семејството Drive E, што би требало да се случи најдоцна во 2016 година.
Новиот трицилиндарец од 1,5 литар со турбонатполнење ќе се вградува во целата гама на модели, заклучно со семејството модели „60“, односно лимузината S60, комбито V60 и кросоверот XC60. Овој мотор ќе биде клучна компонента во моделските изведби со хибриден погон, којшто ќе биде „стандарден“ погон во почетокот на следната декада. Швеѓаните прво ќе го претстават семејството на бензинци од 1,5 литар, а потоа следуваат и дизелите со истата зафатнина.