Аеродинамичниот CX се снајде одлично во улогата на наследник на DS. Тој претставуваше синтеза на сите технички иновации на француската марка и воедно е меѓу последните „вистински“ модели на Citroen од високата класа.
Citroen го претстави моделот од високата класа CX на 26-ти август 1974 година, како наследник на легендарниот DS. Шефовите во Париз го означија стартот на развојот на новиот модел пет години претходно, во 1969 година. Целта беше да се развие автомобил што ќе го поседува шармот на претходникот од 1955 година, но неговото производство нема да биде толку скапо.
Citroen му го претсави новиот CX на францускиот претседател Жискар Дестен кусо пред официјалната премиера на салонот во Париз во 1974 година. Следуваше меѓународна презентација за печатот во Лапонија, каде што 25 избрани новинари добија можност да учествуваат на „Арктичката тура“ со Citroen CX. Рутата долга 3.000 километри водеше низ екстремни климатски и патни услови, почнувајќи од Галивере во близина на познатата Кируна и со крајно одредиште во Париз.
Ознаката CX потекнува од францускиот збор за коефициент на отпор на воздух – со коефициент Cw 0,39, првата серија на големиот Citroen беше меѓу најаеродинамичните автомобили во тоа време, иако за нијанса послаб од култниот DS. Моделот ги спојуваше сите технички достигнувања на Citroen. CX имаше попречно вграден мотор, хидропневматска амортизација со постојано одржување висина од подлогата, независно водење на тркалата, диск сопирачки на сите тркала и двокружен систем за сопирање со серво поддршка. Подоцна беше воведено и иновативното сервоуправување Duravi, со поддршка и повратна сила зависно од брзината. CX е воедно и првиот модел во когошто Citroen почна да ги применува „сателитите“ околу воланот, како иновативен начин за ракување со најчестите функции во возењето. Конкавното задно стакло ја собираше водата по средината и ја одведуваше без потреба од примена на заден бришач. Подоцна и знаменосецот C6, како и моделот од средната класа C5 го користеа ова традиционално обележје од времето на CX.
Во периодот меѓу 1974 и пролетта 1991 година се произведоа 1.170.645 примероци од комбилимузината Berline и комбито Break.
















