Аукциска куќа од Англија пронајде Volvo 340 од 1987 година со само 212 поминати километри. Автомобилот ќе оди на наддавање на 5-ти април, крајната цена е огромна неизвесност.
Автомобилот бил купен на ново од дилер на Volvo во Англија и ретко бил користен од првиот сопственик. По неколку недели од купувањето, сопственикот го удрил автомобилот во столб пред градинарски центар, оштетувајќи го предното крило од страната на возачот. Со разнишана самодоверба, човекот во зрели години го паркирал возилото во гаража, каде што истиот останал до почетокот на овој март.
Моделот Volvo 340 е развиен заеднички од Volvo и од холандскиот DAF. Во тоа време DAF бараше партнер што ќе му помогне во комерцијализацијата на неговиот модел, додека Volvo се интересираше за моторите на Renault до коишто имаше пристап DAF. Партнерството беше успешно. Во споредба со конвенционалните модели на конкуренцијaта, Volvo 340 се разликуваше по задниот погон, по оската Де-Дион, како и по менувачот вграден пред задната оска.
Конкретниов примерок од моделот има 1,7-литарски бензинец од Renault. Акумулаторот, течноста за ладење на моторот, маслото во моторот и свеќичките за палење никогаш не се сменети. Зачудувачки е тоа што дури и картонските патосници што дилерите ги ставаат пред испораката на возилото се уште на своето место.
Иако бил во долго мирување, Volvo 340 пали и работи беспрекорно. Нема знаци на корозија на каросеријата, а внатрешноста уште мириса на ново. Аукциската куќа Anglia Car Auctions ќе го стави возилото на наддавање на 5-ти април. За колку ќе се продаде овој необичен Volvo 340 ќе може да се дознае на www.angliacarauctions.co.uk. Автомобилот нема колекционерска вредност и сосема е сигурно дека нема да достигне астрономска цена, но токму тоа го прави толку интересен и уникатен како временска машина.
































