Не остана празнина што BMW не ја пополни со модел. Баварците направија ван, некои модели ги префрлија на преден погон, сé е можно. Купе-лимузината од серијата 4 е следниот новитет.
Дополнителната ознака Gran Coupe укажува дека се работи за модел во стилот на истоимената варијанта од серијата 6, која на помалиот брат му ги позајмува и препознатливите дизајнерски белези. Во споредба со купето и кабриолетот, третата моделска варијанта во серијата 4 има меѓуоскино растојание продолжено на 2,92 метри и вкупна должина од 4,8 метри.
Исто како моделот GT од серијата 3, купето со четири врати ја користи како основа продолжената верзија од моделот од средната класа на BMW, која што е наменета за кинескиот пазар. Од зголеменото меѓуоскино растојание произлегува поголема просторна понуда за патниците на задната клупа.
Продолжената „четворка“, што интерно се води како F36, ќе се произведува во фабриката во Динголфинг, а првите модели ќе им бидат испорачани на купувачите во средината на 2014 година. На стартот ќе се нудат само моделските изведби со посилни мотори. Палетата ќе стартува со 420d и 420i со по 184 КС, а врвот на скалата ќе го одбележи 435d со 313 КС.