Сопствениците на Range Rover во Британија имаат голем проблем. Многумина си ги наоѓаат возилата без предни светла. Причината за нивната кражба е мошне необична.
Британската полиција се соочува со чудна серија кражби. Од почетокот на годинава се пријавени голем број кражби на предните светла од повеќе модели на Range Rover. Оштетените сопственици се сомневаат дека силните светлечки диоди во светлата се користат како осветлување во илегални одгледувачници на канабис, пишува „Дејли Мејл“.
Сопствениците на скапите теренски возила негодуваат заради лесното демонтирање на светлата и на маската. Само во подрачјето на Западен Јоркшир досега се пријавени 40 случаи на кражба. Доволно е само да се постави хебла меѓу крилата и светлата, и работата е половина завршена. Притоа секако дека се оштетуваат и крилата, така што поправката не чини само 2.000 фунти за замена на светлата, туку најмалку четирипати повеќе вклучувајќи ја замената на крилата.
Дојдоа и првите критики за производителот Land Rover. „Премногу е лесно – за 30 до 60 секунди се крадат обете предни светла и маската од Range Rover“, критикува сопственик на сервисна работилница на марката. Друг возач на Range Rover смета дека производителот треба да отпочне со сервисна акција за отстранување на проблемот кај возилата. Проблемите сепак се јавуваат само кај претходната генерација на моделот. Кај новата генерација е потребно да се подигне хаубата за да се пристапи до светлата.
Според „Дејли Мејл“, претпоставките на оштетените возачи дека светлечките диоди во светлата се користат за одгледување марихуана се само шпекулација. Можно е да станува збор и за организиран криминал со резервни делови, коишто потоа се продаваат преку интернет платформите за наддавање, како познатиот Ebay и уште илјадници слични сервиси. Англиската полиција сериозно му пристапува на проблемот со кражбите на светлата и започна со истрага.