за

Заушка за Volvo & Co: Најбезбедниот автомобил доаѓа од Кина

Организацијата Euro NCAP го прогласи Qoros 3 за најбезбеден автомобил според тестирањата во 2013 година. Дали тоа е доволно Кинезот да се пробие на европскиот пазар?

Шефовите на големите автомобилски концерни ќе мораат добро да ги отворат очите. Кинескиот производител Qoros ги прави најдобрите автомобили – барем што се однесува до безбедноста. Конзорциумот Euro NCAP ја додели титулата за најбезбеден автомобил во 2013 година на новодојденецот од Далечниот Исток. Не постои автомобил што нуди подобра заштита на патниците според критериумите на Euro NCAP од Qoros 3. Дури и BMW не успеа да ги освои максималните пет ѕвездички на тестовите за безбедност на електричниот автомобил i3.

Оцените за Qoros 3 на краш тестот на Euro NCAP

Марката Qoros, чиишто автомобили се развиени од врвни европски дизајнери и конструктори и поседуваат компоненти од водечките добавувачи, прецизно се раководеше според критериумите на тестирањата и покрај пасивна заштита таа нуди и целосна палета на активни системи, како ESP или уред за ограничување на брзината на возење. Qoros објави соопштение за печат во кое што ја изразува големата гордост на овој успех и за претстојниот салон во Женева во март веќе го најавува следниот модел, иако продажбата на лимузината Qoros3 уште не започнала во Европа.

Квалитетот има своја цена

Браншата веќе со години го следи фактот дека Qoros има попрофесионален пристап од другите кинески производители, но и покрај тоа сите се изненадени од исклучителните резултати на краш тестот. Оцените на безбедноста секако дека се важен, но не и решавачки критериум за пазарниот успех на некоја марка. На пазарот владее остра конкуренција и тоа им ја отежнува работата на „новите играчи“. За да се соочи со докажаните марки, на кинеската марка Qoros ќе ѝ бидат потребни многу повеќе отколку само добри резултати на краш тестовите, како на пример широка дилерска и сервисна мрежа.

Безбедноста е важен критериум, но сам по себе не гарантира успех на пазарот
Безбедноста е важен критериум, но сам по себе не гарантира успех на пазарот

Тоа што најмногу му недостига на Qoros е знак на препознавање со когошто марката ќе се издвојува од другите. Во отсуство на изграден имиџ, купувачите очекуваат Qoros да се пробива на пазарот единствено преку цената. За да успее на пазарот, новата кинеска марка треба да ги продава своите модели најмалку десетина проценти поевтино од конкуренцијата. Во моментов уште не се знае колку точно ќе чини лимузината Qoros 3 на европскиот пазар.

Главниот проблем со којшто се соочува Qoros е фактот дека квалитетот чини пари. Иако марката ја користи предноста од пониските производствени трошоци во Кина, повратокот на тие трошоци може да трае подолго од планираното, поради големите попусти што купувачите ги очекуваат од марката. Во деловниот свет Кинезите важат како нетрпеливи деловни партнери коишто во новите проекти притискаат на брз финансиски успех. Првите практични тестирања од авто магазините ќе покажат колку навистина се добри автомобилите на Qoros. Моментно тие се продаваат единствено на кинескиот пазар.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Во производството на автомобили уште има рачна работа

Mercedes ги објави македонските цени за новиот GLA: Старт од 29.590 евра