Aston Martin ја прославува стогодишнината со концептниот автомобил CC100 Speedster. Возилото е инспирирано од DBR 1, најуспешниот тркачки модел на Британците.
Возилото за јубилејот, задвижувано од мотор V12 од шест литри, дебитираше на славниот Северен Јазол на Нирбургринг, за време на 24-часовната трка на Нирбургринг. Првиот круг го извозе тркало до тркало со DBR1, управуван од британската тркачка легенда Сер Стирлинг Мос, кој со ова возило победи на трката долга 1.000 километри во 1959 година.
Почетниот круг го извозе Улрих Бец, извршен директор на Aston Martin, кој по тој повод изјави: „CC100 е епитом на сé што е големо во Aston Martin. Тој ја претставува нашата тркачка традиција, нашиот исклучителен конструкторски капацитет, нашиот супериорен инженергинг, но првенствено, нашиот авантуристички дух.“
Радикалниот родстер е конструиран за помалку од шест месеци, под раководство на директорот за мотоспорт и специјални проекти Дејвид Кинг, додека дизајнот е дело на главниот дизајнер Марек Рајхман и дизајнерот за екстериер Мајлс Нирнбергер.
Со каросерија и ентериер изработени од карбон во изведба на специјалистите за малосериски возила Multimatic, CC100 ја користи последната генерација АМ11 на атмосферски мотори V12, во комбинација со шестстепен секвенцијален менувач. Забрзувањето до сто трае малку повеќе од четири секунди, а крајната брзина е ограничена на 290 km/h.